СДСМ: Со ребаланс на буџетот, капиталните расходи се планирани на ниво од 30,5 милијарди денари

од Nikola Popovski
217 прегледи

Со предложениот ребаланс на Буџетот се издвојуваат 2,7 милијарди евра за инвестиции во човечкиот капитал, односно во здравство и социјална заштита, образование, што споредено со периодот од пред три години е повеќе за над половина милијарда евра. Капиталните расходи се планирани на ниво од 30,5 милијарди денари, односно за 6,5 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година, велат од СДСМ преку партиско соопштение.

Според нив, ребалансот на Буџетот за 2021 година е во насока на владините приоритети, кои до истекот на годината ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање на нови работни места преку активните мерки за вработување, како и за поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ ребалансот што се предлага претставува чист предизборен поткуп и оттаму сметаат дека планот не е развоен, туку стагнирачки.

„Со ребалансот на буџетот СДСМ ќе го зголеми дефицитот за 200 милиони евра, и со тоа тој ќе биде 750 милиони евра. Тие 200 милиони евра се пари кои Владата ги нема, и ќе треба да се задолжи за да ги добие. Со тие 200 милиони евра кои треба да ги земе како заеми Владата не прави ништо ново, туку го покрива поткупот. На сето лудило од власта и ненормално трошење на пари, истата крати од парите наменети за изградба на нови училишта и од парите за екологија“, велат од најголемата опозициска партија.

Слични содржини