Пожарите се шират низ западниот дел на Соединетите Држави, кој е под влијание на топлотниот бран со рекордни температури во некои области, а пожарникарите имаат проблем со гаснењето на пожарот од авион, бидејќи водата испарува пред да ја допре земјата поради топлината.
Властите наредија евакуација на населението од погодените места, а пожарникарите се обидуваат да го изгаснат пожарот под исклучително тешки услови, објави денес Би-Би-Си.
Во саботата, двајца пожарникари во Аризона загинаа кога нивниот авион се урна при обид да го изгасне огнот.
Во саботата во Лас Вегас беше постигнат температурен рекорд од 47,2 степени.
Противпожарните екипи кои се борат со огнот велат дека воздухот е толку сув што водата што се ослободува од авионот за гаснење на огнот испарува пред да ја допре земјата.
Топлотниот бран се приближува до рекордните температури трет ден по ред, па така во неделата беа забележани 54 степени во пустината Долина на смртта во Калифорнија, што беше едно од најтоплите места на планетата, додава „Ројтерс“.
Термометарот пред центарот на Фрнас Крик покажа 56,6 степени во неделата околу 16.00 часот по локално време, додека Националната метеоролошка служба на САД измери 54,4 степени во саботата.