Николај Василев: Подготвен сум да станам премиер на Бугарија

од Nikola Popovski
399 прегледи

„Прифатив да бидам кандидат за премиер. Никогаш не сум се чувствувал поподготвен за тоа. Се надевам дека ќе ја добијам поддршката во парламентот“, изјавил за бугарски „24 часа“, Николај Василев, кој е предложен од Слави Трифонов за нов премиер на Бугарија.

Во понеделникот, Трифонов го објави својот предлог за влада и најави дека нема да склучува договори со други партии. Според официјалните резултати на ЦИК, партијата на Трифонов е прва политичка формација, која ја има можности да формира влада.

Новото национално собрание се очекува да се состане следната среда, а по неговото конституирање, претседателот Румен Радев ќе им го предаде првиот мандат за формирање кабинет на „Има таков народ“.

Централната изборна комисија во Софија соопшти дека партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов со освоени 24,08 проценти од гласовите е победник на предвремените парламентарни избори во земјата. Потоа следи ГЕРБ-УДФ со 23,51 отсто, БСП со 13,39 отсто, „Демократска Бугарија“ освои 12,64 отсто, Движење за права и слободи (ДПС) 10,71 отсто, а коалицијата „Исправи се! Мафијата надвор!“ доби 5,01 проценти од гласовите.

Слични содржини