Одлуката од 2019 година Арјен Робен брзо ја промени. Само една година подоцна, тој повторно ги облече своите фудбалски чевли и се врати на теренот, во дресот на својот сакан Гронинген. Но, сега е готово.
Тој дефинитивно нема повеќе да игра фудбал. Барем не професионално.
„Драги фудбалски пријатели, решив да ја завршам мојата активна кариера. Многу тешка одлука. Би сакал да им се заблагодарам на сите за срдечната поддршка“, напиша Холанѓанецот на својот профил на Твитер.
Следи и проштално писмо. Како што се очекуваше, тој ја наведува физичката подготвеност како причина за прекинот.
Последниот натпревар беше пораз од Утрехт во плејофот од холандскиот шампионат за Лигата на Европа.
„После последниот натпревар, реков дека ќе ми треба време да размислам добро за иднината. Продолжив да тренирам, бидејќи ми беше важно да ја вратам формата на која работев со месеци порано, не сакав да заостанувам. Тоа ми овозможи да имам увид во моите физички можности и да проценам дали е реално да играм уште една година. За жал, моето тело не ми ја даде потребната самодоверба. Затоа решив да се откажам“, објасни 37- годишното крило.
Робен минатата сезона настапи на седум дуели, во кои двапати им асистираше на своите соиграчи за гол. Во просек, тој играше само 37 минути по натпревар. Од почетокот до крајот играше само на споменатиот дуел со Утрехт.
Тој не успеа да ги однесе „зелено-белите“ на европската сцена, но сигурно има фантастична кариера зад себе. Започна со освојување на шампионската титула во Холандија со ПСВ Ајндховен, потоа беше двапати шампион на Англија со Челси, потоа се искачи на тронот во Шпанија со Реал Мадрид, а потоа осум пати со Баерн во Германија, со кој ја освои Лигата на шампионите во 2013 година
Со холандската репрезентација во 2010 година, тој беше втор, а четири години подоцна, трет во светот.