Лидерот на партијата „Има таков народ“, која победи на парламентарните избори во Бугарија, Слави Трифонов на својот фејсбук-профил напиша дека на денот по изборите на 12 јули објавил предлог-кабинет составен само од високо образовани професионалци со јасни приоритети.
– За премиер го предложив економистот Николај Василев, човек со искуство во политика, државната администрација и реалниот бизнис. За само три дена, врз него се истурија многу погрдни зборови. Се покажа дека не е важно колку се образовани кандидатите за членови на владата, колку се добри експерти, колку се јасни нивните приоритети. Се покажа дека тоа не е важно за оние медиуми и политичари, кои го назначија Николај Василев за лидер на Движењето за права и слободи, тврдење кое нема никаква врска со вистината, додаде Трифонов.
Во петок, самиот Николај Василев и дел од политичкото раководство на „Има таков народ“ се очекува да дадат одговор на медиумите за нивните следни чекори.
Својата објава Трифонов ја завршува со зборовите: „Силата е во вистината“.