Бугарската „Има таков народ“ се противи на Резолуцијата за Македонија: „Каков партнер е САД кога застанува на страната на држава со која имаме реални проблеми?“

од Nikola Popovski

Пратениците од бугарската партија „Има таков народ“ го сметаат за провокација тоа што американскиот Сенат предложи Резолуција за поддршка за влез на Македонија во ЕУ, која е на барање на демократскиот сенатор од Вермонт Питер Велч, демократската сенаторка од Њу Хемпшир, Џин Шахин и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина, Пит Рикетс и Том Тилис.

-Заштитата на бугарскиот национален интерес, историската вистина и заштитата на Бугарите кои живеат во Република Северна Македонија е свесна кауза на нашата партија, рекол пратеникот Тошко Јорданов.

Според него, „нема да го заборават потегот на партијата Продолжуваме на промените на Кирил Петков со кој се укина ветото за Република Северна Македонија за влез во Европската Унија“. Јорданов обвинува дека „тоа ги охрабрило македонските власти да извршат брутален терор врз бугарското население“.

-Сега имаме уште една провокација. Група американски сенатори доставија до американскиот Сенат резолуција за поддршка на членството на Северна Македонија во ЕУ. Има две точки кои се загрижувачки за Бугарија. Едната го споменува договорот меѓу Грција и Република Северна Македонија од 2018 година. Во текстот не се споменува Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија и билатералните проблеми што произлегуваат од неговото непочитување. Во другата точка, Резолуцијата бара од претседателот, државниот секретар и европските сојузници на САД да лобираат за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, без други билатерални услови, што е спротивно на бугарскиот национален интерес, кажал Јорданов од говорницата во Бугарското собрание.

-Каков е овој наш партнер кој евентуално би застанал на страната на друга држава со која имаме реални проблеми, прашал пратеникот за надворешната политика на САД.

Посочил дека советот на бугарскиот амбасадор во САД до Министерството за надворешни работи на Бугарија „бил да не се преземе ништо“.

-Веднаш треба да биде отповикан и на негово место да се испрати вистински бугарски и професионален дипломат, додал пратеникот на ИТН.

Во резолуцијата, Сенатот ги повика претседателот и американскиот државен секретар, како и европските сојузници, да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на Европската унија со Македонија, без дополнителни билатерални услови. -Претседателот и државниот секретар да продолжат тесно да соработуваат со македонската влада, да го поддржат проширувањето на Европската Унија со Западниот Балкан, вклучително и Македонија на нејзиниот пат кон Европска унија, се вели во резолуцијата. Во резолуцијата се нагласува и поддршката на Сенатот за македонската влада да ги преземе реформите неопходни за унапредување на членството во ЕУ.

Лани во август, во американскиот Сенат беше предложена резолуција да се слават македонскиот јазик, култура и историја. Иницијативата за резолуцијата ја поднесе Обединетата македонска дијаспора (ОМД). Во резолуцијата се вели дека е важно да се истакнат клучните придонеси и културно влијание на македонските Американци во САД. Републиканскиот сенатор Мајк Брон јa претстави резолуцијата во американскиот Сенат, според која, септември 2023 година се прогласи за месец на македонско-американско наследство при што се славеа јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивниот придонес за САД.

Според проценките, низ САД има околу 500 илјади македонски доселеници населени во различни сојузни држави, главно во Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.

Слични содржини