Интервју со Лазаров: На Македонија и се потребни системски и структурни реформи кои ќе го зголемат животниот стандард на граѓаните на една одржлива основа

од Vladimir Zorba

Неповолните прогнози на Светска банка за идниот раст на нашата економија според универзитетскиот професор Дарко Лазаров се само уште еден, дополнителен аргумент во прилог на потребата од менување на економските политики. Оттука, евентуалните промени во позитивна смисла, според него во голема мера ќе зависат од економските политики на идната Влада која ќе се формира после изборите.

„Нужно е потребно менување на постоечкиот модел на економски раст кој треба да биде насочен кон јакнење на конкурентноста на македонската економија преку поддршка на инвестициите на приватниот сектор, особено на инвестиции во технолошка модернизација на производните и извозно ориентираните компании. Истовремено, потребни се инвестиции во иновации и човечки капитал како основа за подобрување на продуктивноста на трудот и инвестиции во инфраструктура, особено во капитални проекти кои ќе ја зголемат конкурентноста на бизнис секторот“, вели Лазаров за „Локално“.

Како подеднакво важно го посочува и јакнењето на институционалните капацитети на државата, независен судски систем и целосно владеење на правото, борба со корупцијата и сивата економија, градење на поволен и предвидлив деловен амбиент, како и професионализација и дигитализација на јавната администрација.

Како фокус го издвојува и градежништвото, односно потребата од зголемување на инвестициите имајќи го во предвид фактот дека овој сектор е силно поврзан со инвестициските циклуси

Според последниот извештај на Светска Банка, Македонија четврта година по ред има најнизок економски раст меѓу земјите од регионот. Слична ќе биде ситуацијата и за оваа 2024 година. Дали и во колкава мера изборите влијаат за ваквите бројки? Очекувате ли позитивни промени во однос на растот на домашната економија по изборите?

-Изборниот циклус нема големо влијание врз таквите неповолни очекувања за идниот раст на македонската економија што се нотирани во најновиот извештај на Светска Банка. Напротив, многу поголемо влијание имаат несоодветните економски политики во изминатиот период што де факто беа причина и за прилично неповолните економски резултати на земјата во изминатите неколку години. За илустрација, нашата земја има најниски стапки на економски раст во последните 4-5 години споредено сo сите земји од Западен Балкан.

Дали ќе има промени во позитивна смисла зависи во голема мера од економските политики на идната Влада која ќе се формира после изборите. Имено, нужно е потребно менување на постоечкиот модел на економски раст кој треба да биде насочен кон јакнење на конкурентноста на македонската економија преку поддршка на инвестициите на приватниот сектор, особено на инвестиции во технолошка модернизација на производните и извозно ориентираните компании. Истовремено, потребни се инвестиции во иновации и човечки капитал како основа за подобрување на продуктивноста на трудот и инвестиции во инфраструктура, особено во капитални проекти кои ќе ја зголемат конкурентноста на бизнис секторот.

Не помалку важно е јакнењето на институционалните капацитети на државата што подразбира независен судски систем и целосно владеење на правото, борба со корупцијата и сивата економија, градење на поволен и предвидлив деловен амбиент, како и професионализација и дигитализација на јавната администрација со цел испорачување на квалитетни и ефикасни јавни услуги.

Стопанската комора на Северна Македонија неодамна објави една книга со наслов “Потребен е нов договор за економски развој” каде јасно се илустрирани сите чекори кои ние како земја треба да ги направиме со цел да изградиме посилни економски капацитети кои ќе овозможат забразување на растот во наредните 10 години. Првиот предуслов е постигнување на широк општествен консензус помеѓу сите чинители во државата тргнувајќи од политичките партии, бизнис-секторот, академската заедница и граѓанскиот сектор во однос на клучните развојни приоритети на земјата.

Според анализите на Светска Банка главен двигател на економијата треба да биде градежниот сектор. Со оглед на досегашната пракса со доцнење на проектите и недостигот на работници колку е тоа реално?

-Градежништвото во изминатиот период се соочува со сериозни предизвици. Илустрација за тоа е намалувањето на релативното учество на градежниот сектор во БДП на земјата од 6.5% во 2017 година на само 5.5% во 2023 година. Дополнително на тоа е и фактот што имаме тренд на намалување на бројот на работници и дефицит на работна сила што се јавува во последните неколку години во овој сектор.

Она што е исклучително важно за градежниот сектор е значително зголемување на инвестициите во наредниот период имајќи го во предвид фактот дека градежниот сектор е силно поврзан со инвестициските циклуси. Во изминатите неколку години имаме забавување на растот на бруто-инвестициите, па дури и процес на дезинвестиции во 2023 година каде се забележува пад на бруто-инвестициите во номинален износ за 30% (од 4.69 милијарди евра во 2022 година на 3.25 милијарди евра во 2023 година), што придонесе за значително намалување на учество на бруто-инвестициите во БДП на само 24% во 2023 година. Поради тоа е потребно зголемување на јавните инвестиции на државата преку пораст на капиталните расходи во буџетот, но и поттикнување на инвестициите на приватниот сектор како клучен мотор за растот.

Истовремено, не треба да заборавиме дека и останатите сектори можат да бидат двигатели на идниот раст. Особено овде мислам на преработувачката индустрија која треба да помине низ еден процес на структурна трансформација и технолошко унапредување како основа за зголемување на продуктивноста и извозната конкурентност на земјата.

Дополнително, се поважен сектор за нас како земјата станува ИТ секторот, особено во последните неколку години со значителното зголемување на ИТ услугите на глобално ниво и потребата од се поголема дигитализација на јавниот и приватниот сектор во земјата.

Иако инфлацијата бележи мал пад, цените за граѓаните и натаму се високи. Светска Банка вели дека инфлацијата ја подгреваат зголемените плати. Како да се ублажи ударот од ценовните шокови?

-Ние имавме една од највисоките стапки на инфлација во регионот и тоа направи сериозни дисторзии во целиот систем, особено девастирајќи го и така нискиот доход на граѓаните. И покрај тоа што Владата посочуваше дека инфлацијата целосно е увезена, сепак економистите многу често укажуваа дека дел од инфлацијата е резултат на вештачкото зголемување на платите. Потврдата за тоа дојде и официјално од Светска Банка која во своите извештаи јасно нотира дека понатамошното зголемување на платите без притоа тоа да биде проследено со пораст на продуктивноста може само дополнително да наштети на нашата економија и да влијае негативно врз животниот стандард на граѓаните кој се мери преку реалната куповна моќ на платите и пензиите.

Затоа пак ќе повторам, на нас како земја ни се потребни системски и структурни реформи кои ќе го зголемат животниот стандард на граѓаните на една одржлива основа, а тоа единствено е можно преку политики кои ќе испорачаат повисоки стапки на економски раст и преку политики кои на еден суштински начин ќе му помогнат на бизнис секторот да ја зголеми продуктивноста и на тој начин да биде во состојба одржливо да ги зголемува платите на своите вработени.

Како ги коментирате изборните најави за повисок економски раст, зголемување на пензии и плати? Може ли стопанството да ги обезбеди тие пари?

-Се разбира дека стопанството не е во можност да ги обезбеди средствата за поголеми плати и пензии. Илустрација за тоа се буџетските дефицити што ги бележиме во изминатиот период што придонесуваат за континуирано зголемување на јавниот долг на државата. И покрај тоа што Министерството за финансии објави стратегија за консулидирање на јавниот долг и го најави златното правило во јавните финансии за 2024 година што подразбира помали буџетски дефицити во однос на капитални расходи, реалноста е сосема спротивна на тоа. Имено, заклучно првиот квартал од 2024 година имаме реализирани капитални расходи од само 120 милиони евра (или 16% од планираните за годинава) и енормен буџетски дефицит од 400 милиони евра. Тоа секако ќе ја наруши ликвидноста на буџетот и ќе ги доведе во прашање сите проекции за остварување на буџетот и буџетските трошења за 2024 година.

Во тој контекст на вашето прашање за изборните најави, сакам да укажам дека е потребна борба на идеи и предлози на економски политики кои ќе испорачаат реални резултати за граѓаните и бизнисот, а не лицитирања со бројки кои се многу малку остварливи и ветувања кои не се поткрепени со реални аргументи земајќи ја во предвид моменталната состојба во која се наоѓаме како земја.

Никој нема магично стапче да ги реши на краток рок сите економските проблеми со кои се соочуваме како земја, но дефинитивно е дојдено време за поголем ангажман и посветеност, поголема институционална организираност и искрен пристап на идните креатори на политики.

Уште поважно е постигнување на широк општествен консензус кој ќе ни помогне да работиме заедно во остварување на целите за кои сите ние имаме заеднички интереси, а тоа е просперитетна и развиена економија со поголем животен стандард за сите граѓани.

К.В.С.

Слични содржини