ТРИ ДЕЦЕНИИ БЕЗ СЕНА: Сеќавање на легендарниот Формула 1 возач, троен шампион, најдобар на сите времиња

од Vladimir Zorba

Поминаа три децении од трагичната смрт на легендарниот Аиртон Сена. Времето незапирливо тече како река, но сеќавањата на светската суперѕвезда, која тогаш имаше 34 години и важеше за најдобар возач на сите времиња, не бледнеат во заборав.

Со тага и измешани чувства секој 1 мај од тажната 1994 година, љубителите на авто-мото спортовите му оддаваат почит на генијалниот Бразилец, идолот на многу генерации кои во меѓувреме пораснаа. Да не беше фаталниот инцидент на кривината „Тамбурело“ на патеката „Енцо и Дино Ферари“ кај Болоња, митот за „дождовниот човек“, дотогаш трикратен светски шампион, победник на 41 Гран при во Формула 1 ќе беше уште посилна. Помладите генерации се оставени да уживаат во безвременските вештини на мајсторот зад воланот во бројни документирани видеа.

Едноставно, во крвта му биле вродени чувството за трка и брзина. Воодушевуваше Сена со своите возења од 1984 година, кога за прв пат седна во пилотската кабина на автомобил. Бестрашната, бескомпромисна „грамада“, покажа за прв пат на Гран При на Сан Марино пред 30 години дека на крајот на краиштата е од крв и месо.

Тргнувајќи од својот дом во португалскиот град Фаро 96 часа пред трката (тој го избра местото, бидејќи мештаните не му пречеа, иако знаеја кој е), со застанувања во Минхен и Милано поради деловни обврски, тој дојде на патеката со намера да го запре тогаш младиот и перспективен Михаел Шумахер во Бенетон. Со заостанување во првенството, без многу верба во машината на Вилијамс, иако тимот му вети подобрување. Првите пукнатини како скршено стакло во самодовербата почнаа да се појавуваат веќе во петокот, кога тој во очај во гаражата на мониторот ја гледаше страшната несреќа на својот сонародник Рубенс Барикело, која за среќа не заврши фатално.

Ден подоцна, човекот кој неколку години претходно, среде витешка борба со Прост, рече „ако не го бараш просторот што ти се покажува, тогаш веќе не си возач“, се соочи со сериозен сомнеж во себе и страв за својата безбедност. Во виорот на темни мисли го фрли уште еден инцидент, но со трагични последици, на Австриецот Роналд Раценбергер.

Распрашувајќи се за последиците од несреќата, познатиот неврохирург и главен медицински човек на „циркусот“ Сид Воткинс, Британецот му рекол: „Аиртон, зошто не се повлечеш од трката? Мислам дека не треба да возиш. Всушност, зошто и двајцата не се повлечеме? Три пати бевте шампиони, се уште сте најбрзиот возач. Ајде да се пензионираме и да одиме на риболов“, Воткинс откри што му зборувал на Сена пред трагедијата.

Меѓутоа, ниту зборовите на еден добар пријател не биле доволни да го разубедат. Тој сакаше да биде херој, како што беше во очите на неговите колеги Бразилци. Со однапред подготвено австриско знаме во чест на Раценбергер, тој седна во автомобилот, не претпоставувајќи дека оди директно во рајот.

Слични содржини