Воскопулос: Постојат две добри нешта од Преспанскиот договор – се признава македонскиот јазик и се тангира сегмент на признавање на македонски национален идентитет кај граѓаните во Северна Грција

од Nikola Popovski

Претходните неколку денови беа предизвик за грчките власти, кои се борат со зголемени тензии на дури три фронта – од враќањето на темата за името на Македонија, преку масовниот собир на албанските поддржувачи на Еди Рама во Атина, па сè до средбата меѓу Мицотакис и Ердоган. Грчката влада буквално „гаснеше пожари“, иако сè уште е неизвесно дали ќе се разгори најголемиот кога е во прашање она што мислевме дека е решен, а тоа е спорот со Скопје.

Не е исклучено нова криза во односите меѓу двете земји по ситуаицијата во Скопје кога новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова на свечената заклетва кажа Македонија. Таа уште во предизборната кампања најави дека вака ќе работи и ќе се однесува. Грчката амбасадор во Скопје по овие зборови демонстративно ја напушти собраниската сала, а набрзо реагираа грчките власти, па дури и Вашингтон, од каде беше порачано дека македонските власти се обврзани да го почитуваат Договорот од Преспа. Грција најави дека внимателно и детално ќе го следи новиот државен врв во земјава и ќе постапи соодветно, објави Атина.

Дали е можна нова криза во односите?

За новите тензии на релација Скопје-Атина и околу Преспанскиот договор, поразговаравме со членот на колективното раководство на партијата на Македонците во Грција, „Виножито“ и човекот кој триесет години се бори за македонскиот идентитет во една прилично нелагодна атмосфера, Павлос Воскопулос. Според него,  на Преспанскиот договор може да се гледа од три перспективи – од македонска страна, од меѓународна односно од неутрална гледна точка и од грчката страна.

-За првата перспектива, Преспанскиот договор не го загрижува воопшто македонскиот национален идендитет и јазик. Јасно е дефинирано. Во македонската држава е јасен и почитуван Договорот. За финесите во овој Договор околу овие две точки на пример, дека не се поврзува македонскиот национален идентитет со антиката и сл. „се чепка“ во сегментот околу правото на самоопределување и интерпретација за минатото, но и самиот термин „македонска“ националност како и да се поврзува со се и сешто на македонските простори. За јазикот пак се вели во заграда дека македонскиот јазик станува збор за еден од словенските јазици во Европа е само прашање на лингвистите. Генерално за вас и македонската држава, договорот од страна на ваша перспектива не е загрижувачки за иднината, посочува Воскопулос во разговор за „Локално“.

За втората перспектива, односно од перспектива на неутрален човек особено пацифист што сака да има мир и развој во иднината на секаде без конфликти помеѓу државите, Воскопулос вели, ќе ти каже дека било кој географски префикс што се однесува на држава може да биде загрижувачки за иднината.

-Конкретно и јас и вие и било кој ако слушне за држава Северна Лапонија, никој нема да помисли дека се Лапонци луѓето во оваа држава, но автоматски ќе асоцира дека има и јужна и поделеност на земја, регион, народи итн. Нели на планетата нема таков тип држави со географски прифекс што е познато дека баш таму има или имало проблеми во минатото. На пр. Северен Виетнам, Јужна или Северна Кореја и сл. Конкретно пацифист човек ќе ти каже не е добро решение да се користи географски термин особено при случајот „Северна“ Македонија, посочува соговорникот.

За третата перспектива сега конкретно од грчката страна, според Воскопулос, Грција сака од една страна да се води националистичка иредентистичка перспектива на Балканот.

-Во грчката национална идеологија, кон која се учи просечниот Грк – македонската држава е дел од земјата Македонија што е Грчка и која не е ослободена во Балканските војни.Терминот Горна-Северна е во подсвеста на секој Грк кој верува дека не е ослободена цела Македонија. Слични националистички илузии креирани со децении има во грчката идеологија, каде што се вели Истанбул е грчки град, Света Софија грчка и сл. Ова е стандарден грчки мит околу современиот грчки национален идентитет што го мислат за столб на антиката. Гркот си мисли дека е дете на Сократес. Грк во Македонија што го користи терминот Македонец за себе мисли дека е дете на Александар, а бидејки Александар Грк и тој е Грк, ја анализира Воскопулос верзијата на Грција за историјата.

 

Од негова гледна точка како припадници на македонското малцинство кај нашиот јужен сосед, Воскопулос вели дека има едно добро во Преспанскиот Договор.

-Со него се признава македонскиот јазик. Ова следува и кога Центарот за македонски јазик во Грција соопшти дека Основниот суд во Лерин, во две посебни одлуки, официјално одби повеќе тужби кои бараа поништување на првичната одлука со која беше одобрена неговата регистрација. Од Центарот велат дека барањето за регистрација на Центарот за македонски јазик како невладина организација беше одобрено од грчкиот суд, со што стана првата организација која директно се грижи за македонскиот јазик регистрирана и призната како таква од грчките државни органи.

Има и уште едно добро во Преспанскиот договор – кога во него се зборува за македонска националност во македонската држава, индиректно тангира сегмент на македонскиот национален идентитет на граѓаните во Северна Грција.

За мене е јасно дека цела планета го почитува македонскиот национален идентитет и македонската државност, а само Грција и Бугарија имаат проблем кон националната идеолошка идеологија, а не македонската држава, посочува членот на „Виножито“.

Според него, во моментов во Грција има „грчки финти“ околу Преспанскиот договор особено поради европските избори во јуни. Вели дека секоја национална тема може да биде терен за партиски шпекулации.

-Во Грција е познато е дека кон Нова Демократија се ориентираат поконзервативни граѓани, како и националисти. Затоа и Мицотакис и Нова Демократија „логично“ ќе манипулираат со националните теми, а македонското прашање е најлесно за грчките политичари да послужи за „патриотизам“. Се гордеат граѓаните, а поличарите се задоволни, посочува тој.

Дециден е Грција ќе мора меморандумите да ги донесе во грчкиот парламент што е во суштина и врз кои почива Преспанскиот договор.

-За финисите како, кога, зошто е внатрешна работа и зависи од партијата на власт. Преспанскиот договор нема да се укине бидејќи ќе има „меѓународен ефект“ и ќе ги влоши односите меѓу двете држави.

Пратеник Грк или Македонец може само спектакуларно да делува околу темата, но со мал ефект и далеку од реалноста состојаба. Дури и во внатрешноста на државите има многу поважни теми кои гозагрижуваат просечниот граѓанин, пред се економската криза. Не е на исто ниво во Грција и Македонија, но исто е. Само крајни националисти може да аргументираат, аплаудираат или клеветат, но мнозинството не слуша, вели Воскопулос.

За евроинтеграцискиот пат на Македонија, членот на „Виножито“, смета дека ќе биде добро македонската држава да делува „од внатре“ односно во ЕУ како полноправана членка за да може по успешно да дејствува за доброто на граѓните.

-Без разлика која партија ќе биде на власт, статусот-членка во ЕУ дава можност за лобирање и за македонските работи и интереси. Нема друга подобра алтернатива во ова време што го живееме. Нека бидеат пример Словенија и Хрвацка…Генерално Западот е местото на македонштината, сојузништво со демократски држави и соодветни политички структури, како на пример ЕУ. Со диктаторски режими, сојузништво со нив не дава позитивна иднина. Конкретно – Словенија, Хрватска и Албанија се со Западот, а Србија против. Резултатот? Познато е како беше последните децении, заклучува Воскопулос во разговорот.

Н.П.

Слични содржини