Зошто СДСМ не се огласува за реториката околу Преспанскиот договор: „Партијата е во конфузија, молкот е оправдан“

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

Новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова стапи на функцијата и оттогаш речиси секојдневно на релација Скопје-Атина стигнуваат реакции и соопштенија на неупотребата на уставното име. Особено гледаме ставови на грчките власти и партии кои сметаат дека целосно треба да се почитува Преспанскиот договор, без разлика дали станува збор за домашна или надворешна употреба. Најкатегоричен е грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кој засега не сака да ги потпише меморандумите за соработка со С. Македонија кои произлегуваат токму од Договорот со кој се реши спорот со јужниот сосед. Според него, ратификацијата нема да се случи се додека „македонската страна доследно не го спроведува текстот од Договорот“.

Забележително е дека во екот на препукувања, отсуствува реакцијата на СДСМ, со оглед дека во времето на нивно владеење беше потпишан официјалниот документ. По поразот на партијата на двојните избори на 8-ми мај, нема никакво соопштение од таборот од „Бихаќка“, ниту во јавноста, ниту на нивната официјална страница, освен ако не ја земеме во предвид колумната на потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, објавена на 12-ти мај. Дел од поранешните функционери од партијата, пред се Јани Макрадули, побараа од раководството на СДСМ да се огласи поради реториката околу Преспанскиот договор.

Зошто молк кај СДСМ?

Дел од домашните аналитичари сметаат дека СДСМ се уште ја тресе постизборна треска. Според политичкиот аналитичар, Ненад Јовановиќ, „на досегашниот претседател Димитар Ковачевски не му пеат сите пиленца на број“.

Ненад Јовановиќ

-Луѓето се во бунило и конфузија. Без разлика дали се работи за врвот на партијата или членството, ситуацијата е во комплетна ентропија и расуло. И ова што го зборувам не е производ на некакви „инсајдерски“ информации, едноставно знам, или ми се чини дека ги знам линковите и релациите во самата политичка партија. Не им ги познавам партиските постапки, тие статутарни формалности, ама знам дека таму ќе има неколку струи кои најпрво ќе атакуваат на местото за нов претседател на СДСМ.  Последниве неколку денови се лицитира и со неколку имиња за местото на досегашниот претседател Ковачевски кој загуби катастрофално на претстојните парламентарни и претседателски избори. Макрадули е прекален, борбен и искусен политичар, неговата изјава е коректна, ама се плашам дека нема кој во овој момент да повлече потег поради причините кои погоре ви ги опишав, истакнува Јовановиќ за „Локално“.

Дециден е дека „СДСМ не изгуби фудбал на мали голчиња, туку изгуби избори затоа што Македонија со своите гласови лошо ја оцени нивната работа и ги казни на изборите“.

-Тоа е реалноста и сега треба да си ги извлечат поуките од нејзиниот историски најголем пораз бидејќи СДСМ не е невладина организација, некоја група за притисок или протестно движење, СДСМ, сепак, и после овој катастрофален резултат, е голема, инстутуционална и важна политичка партија во земјата.

Што се однесува до оставките на функционерите, како што вие ги нарекувате „условени оставки“, јас навистина не знам што тоа значи. Одговорност мора да се понесе. А тоа најпрво треба да го направи претседателот, а веднаш по него и сите останати. Оти, реков погоре, не се играше мал фудбал, па сега да велиме „пу, пу, не важи, одиме повторно“. Прво одговорност за поразот, а потоа сериозно промислување зошто и како понатаму, оценува аналитичарот.

Со оглед на молкот, Јовановиќ смета нема ништо државничко во пораката „гласавте – гледајте“ на СДСМ.

-Дури мислам дека треба и да одморaт од тоа „државничко занесување“, бидејќи кога немаш глас и упориште меѓу граѓаните, можеш да пееш и „гуслаш“ за државништво до утре, од тоа нема никакво фајде. Што за СДСМ е сега важно? Важно е да разговаараат во нивниот извршен и централен одбор, а не преку медиуми да се обраќаат едни на други. За волја на вистина, никој до сега тоа не го прави. И добро е што е така. Од друга страна, јас, на пример, сум симпатизер на СДСМ и нејзин „аутиран“ и пасивен член, можам да бидам непосреден и свој, што значи можам да кажам дека имам и свој кандидат за претседател што треба да го замени Ковачевски.

Знаете, јас сум колумниста и политички аналитичар, барем така јавноста ме гледа, и можам слободно да го искористам мојот „мачен процес на индивидуализација“, што значи да се одвојувам свесно од колективитетот, и да го изнесам својот суд и мислење. Сметам дека најдобрата замена за Димитар Ковачевски е неврохирургот Венко Филипче. Реално, ако мене некој ме прашува, мислам дека ќе биде репрезентативна фигура во новото обединување на Социјалдемократите, знаејќи каква „десничарска мечка“ ќе конституира влада во земјава, анализира соговорникот.

Од друга страна, професорката и познавач на состојбите, Ана Чупеска смета дека донекаде молкот е оправдан.

-Прво, од причина што тие се направија за да ги подобрат односите со Грција, го испреговараа и успешно решија спорот со целосна афирмација на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја, вели Чупеска за „Локално“.

Ана Чупеска

-Благодарарение на тој договор, додава таа, станавме членка на НАТО, а секако на општа корист за државата, но со свесно наштетување на партискиот рејтинг.

-Кажувано е , објаснувано е, со години наназад ова. Така што не гледам посебна потреба од повторување. Целата одговорност е во победничкиот табор, не гледам причина да бидат повикани СДСМ кога се направија за тој договор. Одговорноста е кај победниците на чело со Мицкоски, посочува соговорничката.

Чупеска ги поздравува оставките кај дел од раководството на СДСМ, истакнувајќи дека тоа е она што мораше да се направи.

-Мислам дека сакаат да се консолидираат низ демократската процедура и убедена сум дека треба во квалитетен манир тоа да го изведат, со робусни интервенции што ќе го етаблираат несомнено прогресот и воопшто социјалдемократската современа агенда, додава професорката.

Во однос на тоа дали од партијата на Ковачевски сакаат да ја испратат пораката „Гласавте – гледајте“, Чупеска смета дека имаат посериозни проблеми кои треба да бидат санирани.

-Државничките пораки, инаку вообичаено треба да ги праќа власта. Мислам дека треба малку трпение, но не премногу и предолго, смета професорката.

„Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“? Вака граѓаните одговараа на референдумското прашање за Преспанскиот договор. „За“ гласаа околу 610.000, против беа само околу 40.000 граѓани, но тоа не беше доволно за тој формално да биде успешен, бидејќи не беше исполнет цензусот од 50% излезност, поради тивкиот бојкот кој го заговараше опозицијата. И покрај дилемите за успешноста на референдумот, сепак уставните измени за промена на името беа донесени неколку месеци подоцна во Собранието со 2/3 мнозинство, а Македонија стана 30-та членка на НАТО.

На 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји и се отвори патот за нови перспективи во билатералните односи.

Договорот, кој многумина го сметаат за историски, но и модел за мирно решавање на споровите, го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во нашето Собрание и во грчкиот Парламент, Договорот, на 12 февруари 2019 година и официјално стапи во сила.

Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.

На решението му претходеа преговори што траеја 27 години, периодично беа со позасилено темпо и почести средби, но имаше и периоди кога беа во застој и прекин, но секогаш завршуваа без заемно прифатливо решение, се до крајот на 2017 година кога се интензивираа разговорите по речиси тригодишен застој и беше постигнат Договорот.

Н.П.

Слични содржини