ЦЕНИ, ПЛАТИ, РЕЖИМСКИ ТРОШОЦИ: Што можат да очекуваат потрошувачите во Германија?

од Vladimir Zorba

Стапката на инфлација во Германија стагнираше во април, по три месеци пад. Во однос на април минатата година изнесуваше 2,2 отсто, а исто беше и во март, покажуваат прелиминарните пресметки на Заводот за статистика, пренесува dpa.

Цените последен пат беа релативно пониски во април 2021 година со стапка на инфлација од два проценти. Во декември стапката беше 3,7 отсто и оттогаш се намалува.

Во април, германските потрошувачи платија за намирници за 0,5 отсто повеќе отколку една година порано. Од друга страна, енергенсите за домаќинствата паднаа за 1,2 отсто, иако престана да важи привремено воведеното пониско ДДВ за гас и парно.

Потрошувачките цени се зголемија за 0,5 отсто од март до април, велат статистичарите.

Водечките германски економски институти очекуваат просечната инфлација во 2024 година да биде 2,3 отсто, по 5,9 отсто минатата година. Сепак, стабилизацијата на цените може да биде побавна од очекуваното.

На пример, компаниите од некои сектори низ Германија најавија зголемување на цените во големото истражување на институтот Ifo. Ова особено се однесува на гастрономијата, играчките и козметиката.

„Во наредните месеци, малку е веројатно дека инфлацијата ќе продолжи да се намалува и ќе остане на нешто повеќе од два отсто“, заклучуваат економистите на Ifo.

Пониските стапки на инфлација може да ја стимулираат потрошувачката, која е еден од столбовите на германската економија.

Една неодамнешна студија на Институтот за макроекономија и истражување на деловниот циклус (IMK) на Фондацијата Ханс Беклер (Боклер) откри значително поголема склоност кон трошење кај луѓето со различен опсег на приходи, особено кога станува збор за одмор, забава и култура.

Студијата е базирана на анкета на 9.600 луѓе.

Има знаци за „неминовен пресврт во потрошувачката“ – особено ако „стапката на инфлација продолжи да опаѓа во текот на годината и, како што растат номиналните плати, реалните плати, исто така, повторно растат по неколку години пад“, се вели во студијата.

Слични содржини