Партии и на овие избори со жестоко темпо. Политички каравани на околу четири месеци до локалните избори ја крстарат Македонија. Граѓаните секојдневно се сведоци дека партиските претставници во своите говори не ја пропуштаат шансата да го „поплукаат“ и да го „оцрнат“ противкандидатот во општината каде гостуваат.
Истатата реторика е пресликана и во соопштенија лиферувани од партиските штабови, но и на прес конференциите на „гласноговорниците“. За тоа каква кампања не очекува во битката за освојување на нов четиригодишен мандат на идните општински и градските власти, Локално разговараше со политикологот Петар Арсовски. Арсовски вели дека кампањата на партиите сепак ќе биде само делумно негативна бидејќи од досегашните настапи на партисктие претставници се гледа и нивната понуда.
-Нема да има само „плукање“, и „оцрнување“ на противканидатот. Од последните неколку јавни настапи гледам дека двете партии имаат и понуда. Најавуваат гасификација, враќање на парите кај граѓанте, поевтина струја, подобро здравство така што, иако негативната кампања ќе биде составен дел и од оваа кампања, очекувам комуникцијата сепак да не биде само негативна. Ќе има и позитивен дел. Факт е дека изборните кампањи во Македонија стануваат се „поцрни“. Секако дека онаму каде што ќе има негативна кампања, не треба да се очекува дека партиите ќе дејствуваат во „ракавици“. Напротив нивните објави ќе бидат се поконтроверзни. Меѓутоа имам впечаток дека целата комуникација нема да се сведе на негативна кампања. Негативна кампања секога имало во Македонија бидејќи паритите се секогаш под тензија, вели Арсовски за „Локално“.
Тој посочува дека сепак партитие наместо на негативна кампања, политичките претставници треба повеќе да се посветат на она што би го направиле за општината во која настапуваат.
– Ова се локални избори и сметам деска целата кампања треба да се сведе на понуда, и партиите во фокусот треба да го ставаат она што би го направиле во општините за да им го олеснат животот на граѓаните, вели Арсовски.
Во македонскот политички блок главната битка се води меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. И двете партии за кандидатите од спротивниот табор велат дека се криминалци и истрошени кадри.
-СДСМ оди кон дебакл, никој не им се нафаќа да биде кандидат освен криминалци и истрошени кадри. Октомври доаѓа, реалноста допрва ќе ги удри во глава СДСМ. Време е за „Македонија за сите луѓе“, велат во ВМРО-ДПМНЕ.
И од СДСМ со истата реторика. Сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ е во бунило и немаат соодветни кандидати за градоначалнци бидејќи се обидуваат да наметнат криминалци.
-Тие можат да се пребојат во сите можни бои, но тоа нема да го избрише фактот дека во ВМРО-ДПМНЕ предводена од Мицкоски нема никаква промена. Граѓаните го гледаат тоа и затоа не даваат доверба на нивните политики, затоа криминалната ВМРО-ДПМНЕ ја чека нов пораз на претстојните избори наесен. Време е за „Најдоброто за нашата општина“, велат во СДСМ.
Партијата на Христијан Мицскоски за овие локални избори ветува дека идните општински и градските власти е ќе ја спроведат гасификација и до 50% во домаќинствата.
– Ако сакаме почиста животна средина, гасот е неопходен. Граѓаните со ВМРО-ДПМНЕ ќе плаќаат и поевтина струја. Планираме да го продолжиме животниот век на РЕК Битола и РЕК Осломеј до 2040 година, тоа ќе допринесе за поголемо производство и поевтина струја за сите. Парите од акцизата на дизелот која СДСМ ја воведе пред 2 години ќе завршат кај граѓаните. За проекти од областа на културата, спроти образованието, велат во ВМРО-ДПМНЕ.
Во фокусот на своите настапи партијата на Зоран Заев, е човекот. Од СДСМ велат дека пред се ги слушаат барањата на граѓаните и одговараат на нивните потреби.
-Парите на граѓаните денеска не ги трошиме на бесцелни проекти, туку вложуваме во училишта, градинки, патишта, здравствени установи и социјални згради. Најсвеж пример се измените во законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизацијата, со кои 1.100 стечајци ќе добијат месечен надомест од над 9.000 денари. Поголемиот дел од ребалансот на буџетот, односно 2,7 милијарди евра се наменети за инвестиции во човечкиот капитал, што носи унапредување, раст и развој напредок. Со предлог законот за отпис на камати, ќе бидат отпишани 10 милини евра камати на 150.000 граѓани, како помош и поддршка. Преку ТАВ програмата, во вредност од 49 милиони евра ќе се реализираат 94 проекти низ општините во државата, велат во СДСМ.
Од таму додаваат дека во изминатиот период ги зголемиле платите на работниците, во армијата, полицијата, здравството, образованието, велат во СДСМ.
Во меѓувреме се очекува претседателот на Собранието, Талат Џафери да ги распише локалните избори. Законските рокови за нивно распишување се прецизни. Неодамна спикерот посочи дека чека Државната изборна комисија да го извести кога им истекува мандатот на градоначалниците.
-Ако се чека крајниот рок тогаш изборите треба да се распишат на крајот на јули или почетокот на август. Нема да дозволам некој да го користи формалниот аспект на некој „пропуст“ како подлога за суштински аспект и со тоа да биде доведен во прашање изборниот процес, рече неодамна спикерот Џафери.
На половина од градоначалниците избрани во првиот круг мандатите им истекуваат околу 18 октомври, а на оние избрани во вториот круг кон почетокот на ноември годинава. Се очекува изборите да се одржат помеѓу 17 и 31 октомври.
И.Т.