Посебноста на македонскиот јазик е светски призната и потврдена во Обединетите нации, вели поранешниот медијатор за спорот со името Метју Нимиц.
Нимиц во интервју за Канал 5, прашан за односите Софија-Скопје, и за тоа дека идентитетот и јазикот не беа дел од Преспанскиот договор, но на маса е ставен од Бугарија, појаснува дека за грчката страна проблемот не бил идентитетот туку името на јазикот, а во овој случај станува збор за поинаков спор.
-Овие прашања се униатни, имало ситуации кои биле слични, но и не така слични. Знаете Преспанскиот договор се осврнува на јазикот, не го користи зборот идентитет бидејќи тоа не е правен збор. Македонскиот јазик е прифатен одамна и ширум светот луѓето знаат дека македонски јазик постои. Спорот со Грција не беше воопшто за јазикот туку за името на јазикот. Со други зборови, грчката страна немаше проблем што имате убав јазик, посебен јазик. Но нивниот проблем беше дека ако се вика македонски јазик дека би можело да даде впечаток дека има поврзаност со античките македонци. Спорот со Бугарија е поинаков, во однос на потеклото на јазиците. Јас не сум експерт за тоа, тоа не беше прашање во Договорот од Преспа, но е прашање за кое тие сакаат да разговараат, така што тоа е предмет на дискусија, вели Нимиц.
Запрашан може ли да се разговара за нечиј идентитет, што е внатрешно чувство на припадност, Нимиц дециден дека идентитетот не може да биде предмет на преговори.
-Не, не можете. Меѓу Грција и Македонија имаше внатрешни чувства, и сеуште има. Луѓето во Македонија се емотивни за тоа и луѓето во грчкиот регион Македонија се сеуште емотивни. Не се водите од емоции, но, можете да постигнете договор за тоа како разговарате за тоа, како го артикулирате тоа, со почит кон различните мислења за сензитивни историски или емотивни прашања, вели американскиот дипломат.