„Таа не е добар избор за тебе, нема да имаш среќен брак“, „Време е да се средиш, додека сум млада внуци да чувам“,„Не прави го тоа, што ќе речат соседите“…се дел од постојаните притисоци како од околината така и од семејството кои секојдневно ги притиска младите да постапат и да дејствуваат по цена и тоа да е спротивно од нивната волја.
За тоа дали треба родителот да се меша во изборот на детето да забранува и дали треба да се „секираме“ за тоа што другите ќе мислат за НАС доколку не сме како останатите во општеството, „Локално“ поразговара со м-р. Моника Филиповска, која работи како семеен и системски советник.
– Еден од аспектите на сфаќање на среќата во традиционалните семејства е дека, децата треба да се оженат/омажат, да створат пород, да бидат послушни кон постарите семејни членови, да бидат на пример религиозни и слично, но треба да се напомене дека тоа се всушност наметнати ставови и традиционални норми од околината кои без размислување се прифаќаат од таканаречените традиционални семејни системи. Но, не мора да биде баш така. Кога велам да се омажат/ оженат, мислам да направат избор на партнер/ка кој/а ќе биде „по мерак“ на родителите, бидејќи доколку изборот не соодветствува со замислата на родителите, ќе постои чувство на вина или можеби слабост на тој член на семејството, а секако може да оди и во крајност каде се здобива со етикетата на ,,црна овца” во фамилијата заради различноста при направениот сопствен избор, вели Филиповска.
Патот кон среќата не е стандардно трасиран
Според неа не може другите да очекуваат дека нашиот живот може да го претвориме во средство со кое ќе се докажувате пред околината.
-Сепак, човек може да биде среќен ако живее според традиционалните семејни вредности, но слепото почитување на истите, кога чувствувате дека не ви одговараат може да ве доведе во заблуда за среќата и понекогаш ќе ве натераат да правите работи со кои само ќе се залажувате дека сте среќни. Овде сакам да напоменам дека, не може или не треба никој да спречува некого во сопствената среќа, бидејќи на тој начин се пробиваат граници. Со пробивање на границите пак, се навлегува во нечија приватност, што само по себе носи непријатност, тензија и можеби конфликт. Кога велам граници, мислам на регулирана трансакција или размена на информации, општење и дејствување, помеѓу луѓето кое се одвива во тек на подолго време и истото помага да се дефинира подвоеноста на деловите на семејниот систем (родители, деца, сибилинзи, партнери). Границите се поставуваат преку вербално и невербално општење и однесување на семејните членови и како такви, го регулираат протокот на информации и енергија, со што пак настанува размена на повратни спреги, кои можат да бидат позитивни и негативни. Затоа велам, доколку не постојат граници или истите се разнишани, тогаш не постои диференцијација ниту пак адаптација и на тој начин доаѓа до загрозување на функционалноста на семејниот систем, објаснува таа.
Секој од нас верува дека она што го прави е тоа вистинското
Според семејниот советник ако личноста сака да постапи на одреден начин, да општи или да делува, а смета дека со тоа дејствие или општење нема да повреди или наштети на никој околу себе, и на себе си тогаш забраната или недозволување не треба да постои.
-Секој од нас верува дека она што го прави, мисли, застапува е тоа вистинското или правилното. Но, често пати ќе се најдеме во ситуација, кога некој аргументирано ќе се обиде да не убеди во спротивното и тогаш сфаќаме дека, можеби понудената алтернатива е интересна па дури и прифатлива за нас. Зрела личност носи одлуки или прави избори, затоа треба и да знае да се носи со последиците од донесените одлуки, било да се позитивни и негативни, смета Филиповска.
Поважно што ќе речат другите, отколку среќата на сопствените деца
-Многу пати ќе чуеме, „не прави го тоа, што ќе речат соседите“ и сл. Но, јас се прашувам дали навистина е толку важно што ќе речат соседите или како тоа ќе изгледа за нас и како таа промена би влијаела на семејниот систем или пак на поединецот. Моето мислење е дека, колку и да се грижиме за тоа што другите мислат за нас, тоа не може да донесе ништо друго освен стрес кој често пати води и до контрола и „однесување по калап“, коментира таа.
Филиповска вели дека доколку се трудиме да бидеме допадливи, со цел другите да имаат позитивно мислење за нас тоа ќе не доведе до стагнирање во нашето напредување и личен развој.
-Треба да разбереме дека ние сме на прво место и дека за секој од нас е важно, пред се да сме среќни и задоволни со она што го правиме за нас. На крајот на краиштата, секој има право на свое мислење, но не сечие мислење е важно токму за вас, смета семејниот советник.
Родителите се ѕвезди водилки за своите деца
Стручна помош никогаш не е на одмет вели Филиповска додавајќи, дека полека се,,топи,“ мразот околу стигмата посета на психолог или терапевт бидејки тоа покажува дека се грижиме за своето ментално здравје.
-Разликите во ставовите и размислувањата кои се производ пред се на генерацискиот јаз во семејниот систем, одсекогаш постоеле и ќе постојат, но тука се поставува прашањето, што од она кое за нас е различно, во исто време е и прифатливо, односно колку се разговара на таа тема, дали и во која мера можеме да понудиме аргументи за ставот или мислењето кое го застапуваме. Родителите во едно семејство, претставуваат први модели за идентификација или народски кажано, тие се „ѕвезди водилки“ за своите деца, објаснува семејниот советник за „Локално“.
Таа додава дека преку нив се врши трансферот на искуството на емоционалното формирање на личноста и ги воведуваат младите во светот на возразните, ги мотивираат, поттикнуваат нови сознанија, ги упатуваат на правила и начини на однесување, почитување…..
-Ова исто така се однесува и на поставување на моделот за љубовта, од страна на родителите. Имено, тие се тие кои ја обликуваат идната љубов на своите деца. Средината и начинот на кој расте детето, сериозно влијае на начинот на кој тоа ќе ја перцепира, чувствува и споделува љубовта. Затоа велам, сите ние учиме за љубовта од нашите родители, без разлика дали сме одлучиле да го земеме нивниот модел или пак да се оддалечиме од истиот. Треба да се постават граници во семејниот систем, со цел подобро функционирање на истиот. Со преминување на границите или нивно непостоење, родителите често пати всушност се вмешуваат во партнерската врска на своето дете и сосема несвесно прават огромна штета, како за релацијата дете-родител, така и за партнерската релација. Сакам да верувам дека за секоја потешкотија со која се соочува семејството, има решение, само треба да се посвети поголемо внимание, да се слушнат сите членови, да се понудат повеќе алтернативи и на крај, семејните членови „да се најдат на пола пат“. Со ова мислам да се направи баланс, за решението да биде истовремено прифатливо за сите членови, советува Филиповска.
Б.М.