Парламентарните групи поднесоа закон кој беше усвоен, а коректорот на Собранието секако може да биде Уставниот суд кога би имало иницијатива да одлучува дали одреден закон кој е донесен ги содржи елементите за кои е оспоруван или не, посочи министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во одговор на прашањето дали постои план „Б“ по најавата на Антикорупциската комисија дека ќе го оспори Законот за изградба на автопатишта пред Уставниот суд.
Тој додаде дека доколку овој закон стапи на сила, а веќе има најави дека ќе биде потпишан од претседателот на државата, ќе се постапува по него, но секој кој што смета дека треба да покрене некоја инцијатива ќе може да го направи тоа зашто ова е демократска држава.
-Како Влада секако дека имаме разработено варијанти во однос на отпочнување и изградба на коридорите 8 и 10 Д зашто нашиот приоритет, клучна или конечна цел е да имаме модерни и безбедни патишта. По кој принцип и на кој начин ќе се изградат е работа на Парламентот, Владата и сите останати институции, како и на Јавното претпријатие за државни патишта кое е задолжено за изградба и реконструкција на патиштата во државата и има најголеми капацитети и ресурси во овој дел, кажа Бочварски.