И Македонија ќе има Резолуција

од desk4
313 прегледи

На првата наредна седница, во четврток Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ со црвените линии за македонскиот јазик и идентитет за преговорите со Бугарија ќе се најде на дневен ред, заедно со ребалансот на буџетот. Расправата на буџетот ќе трае пет дена, што значи дека за Резолуцијата пратениците ќе расправаат наредната недела, веднаш по изгласувањето на ребалансот на буџетот. Спикерот Талат Џафери минатата недела Резолуцијата ја достави до сите пратениците.

Собраниски извори за Локално велат дека  членот 60 од Деловникот, на спикерот му дава дискреционо право да одлучува што ќе пушти во собранска процедура,  што е согласно со Деловникот и Уставот, но и што е спротивно на Деловникот и Уставот.

За Резолуцијата потребни се минмум 41 пратенички глас од присутни 61 во салата. СДСМ, ДУИ, ДОМ, ЛДП и ДС веќе се изјаснија дека ќе ја поддржат. Коалицијата Алијасна и Алтернатива најавија дека ставот ќе го искажат на денот на собраниската расправа. Ваквото расположение на власта и опозицијата покажува дека Македонија ќе има Резолуција во преговорите со Бугарија.

Со Резолуцијата се бара преговорите за членство во ЕУ да бидат принципиелни, со почитување на меѓународното право, достоинството на македонскиот народ и без условувања од двете страни. Според ВМРО-ДПМНЕ таа ќе биде патоказ за евроинтегративниот пат на земјата. Со документот се предлага примена на конвенцијата на Обединетите нации со која се гарантира правото на самоопределување.

„Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност. Да се уважат сознанијата на светската лингивстика според кои, македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и временски континуитет“, се наведува во Резолуцијата.

Опозицискта партија смета дека така ќе се зајакнеле македонските дипломатски позиции, а ќе се испратела праведна и јасна порака до Бугарија и Европската унија.

Б.Т