Кина не може да го прифати планот на Светската здравствена организација за втората фаза од студијата за потеклото на ковид-19, изјави денес висок кинески здравствен службеник.
Заменик-министерот на Националната здравствена комисија Зенг Џиксин рече дека е шокиран од планот и конкретно од теоријата дека вирусот можеби протекол од кинеската лабораторија.
Тој ја отфрли таа теорија како гласина која е спротивна на здравиот разум и науката.
„Невозможно е да прифатиме таков план за испитување на потеклото на вирусот. Тој предлог покажува недостаток на почит кон здравиот разум и ароганција кон науката“, рече тој на прес-конференцијата посветена на потеклото на ковид-19.
Потрагата по потеклото на вирусот стана дипломатско прашање што влијаеше на односите на Кина со Соединетите држави и многу нејзини сојузници. САД и другите земји веруваат дека Кина не била отворена за тоа што се случило во раните денови на пандемијата. Кина ги обвинува критичарите дека ова прашање треба да го решат научници.
Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус, минатата недела призна дека е прерано да се исклучи потенцијалната врска помеѓу пандемијата и истекувањето од кинеската државна лабораторија во Вухан, градот каде што за прв пат беше откриена инфекцијата кон крајот на 2019 година.
Зенг рече дека лабораторијата во Вухан нема вирус што може директно да ги зарази луѓето. Тој истакна дека СЗО координираше тим на меѓународни експерти кои ја посетија лабораторијата на почетокот на оваа година и заклучи дека претпоставката за протекување на вирус од лабораторијата е многу малку веројатна.
Повеќето експерти веруваат дека вирусот најверојатно се пренесува од животни на луѓе. Оваа силно исполитизирана дебата се врти околу тоа дали истекувањето од лабораторијата е толку малку веројатно дека теоријата треба да биде целосно исклучена како можност или дали заслужува понатамошно проучување.