Висок кинески здравствен службеник изјави дека Пекинг не може да го прифати планот на Светската здравствена организација (СЗО) за отворање на втората фаза од студијата за потеклото на коронавирусот.
Според „Асошиејтед прес“, Зенг Јиксин, заменик министер на Националната здравствена комисија, изјавил дека е шокиран што следната фаза од истрагата на СЗО опфаќа истражување на теоријата дека Ковид-19 можеби протекол од кинеска лабораторија.
„Невозможно е да се прифати таков план за истражување на потеклото на вирусот“, рече Зенг на прес-конференција, додавајќи дека верува оти планот е спротивен на здравиот разум.
– Се надеваме дека СЗО сериозно ќе ги разгледа предлозите на кинеските експерти и вистински ќе го третира потеклото на вирусот како научна работа и ќе се ослободи од политичко мешање – рече Зенг, пренесува АП.
Зенг истакна дека лабораторијата во Вухан нема вирус што може директно да ги зарази луѓето.
Во март, тимот на СЗО објави извештај заедно со кинески научници, во кој се наведува дека Ковид-19 најверојатно преминал од животни на луѓе.
Сепак, генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, минатата недела рече дека теоријата за протекување од лабораторија е сеуште можност.
– Треба да знаеме што се случи за да спречиме нешто слично да се повтори. Мислам дека им должиме на милионите кои страдаа и на милионите кои починаа за да разбереме што се случи – додаде тој.