Во Парламентот и понатаму продолжува праксата до народните избраници, законите и сите собраниски материјали да се доставуваат двојазично, на македонски и албански јазик. Неофицијално, собраниски извори за ваквата пракса, пoстапка го вперуваат во спикерот Талат Џафери. Пратеничката Гордана Силјановска Давкова од собраниската говорница на Комисијата за европски прашања, посочи дека Предлог законот за државјанство кој и бил доставен – е неуставен, незаконски и неделовнички, бидејќи бил напишан двојазично.
Во Прирачникот за примена на Законот за употреба на јазиците, во делот насловен како „Употреба на албанскиот јазик во работата на Собранието на Република Северна Македонија, во членот 4 пишува:
„…Пратеник, избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, материјалите навремено ги добива, односно доставува и на неговиот јазик и писмо за да послужат на седница на собрание или седници на работни тела…“
„…Сите закони и други акти донесени од страна на Собранието на Република Македонија се објавуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо…“
Неофицијално според информации на Локално, спикерот Талат Џафери и покрај бурните реакции од пратениците на опозицијата нема намера да отстапи од двојазичното доставување на собраниските материјали. Тој неофицијално се повикува на членот 3, од Закон за употреба на јазиците објавен во Службен В. на Р.М. бр: 7/2019 од 14.01.2019.
Но, во членот три пишува:
Член 3
„Избрани или именувани функционери на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и други институции чие седиште е во Скопје или општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, во нивната службена комуникација го употребуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, доколку најмалку еден од избраните или именуваните функционери зборува службен јазик различен од македонскиот јазик“.
Неодамна пратеникот од Левица Димитар Апасиев, од собраниската говорница, му ги врати материјалите на спикерот Џафери, порачувајќи дека повеќе како такви нема да го прима.
Б.Т.