„И претходно изјавивме дека на локалните ќе настапиме со свои кандидати. Не би сакал да го коментирам соопштението кое заедно го напишале лидерот на СДСМ и на ДУИ, бидејќи тоа е многу проширено и не кажува точно за што се договориле. Ние сме политичка партија која е дел од владата речиси една година и реално ние пристапуваме доста сериозно на трката за локалните избори“, изјави денеска генералниот секретар на партијата Беса, Арјанит Хоџа, по повод вчерашниот состанок на премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети во пресрет на изборната кампања.
Според него, Беса како партија сака да види дали во делот од власта каде што направиле разлика ќе влијае и на ниво на локалните избори.
„Убедени дека ќе влијае“, потенцира Хоџа.
Премиерот Зоран Заев вчера објави дека имал одличен состанок со коалицискиот партнер и претседател на ДУИ, Али Ахмети.
-Се договоривме дека СДСМ и ДУИ заедно ќе настапат на претстојните локални избори. Заедничка ни е целта во предизборната коалиција да се вклучат што е можно повеќе партии од владината коалиција. Во тек се постапките за избор на најдобрите кандидати – тоа ќе бидат личности кои умеат и кои се подготвени да го дадат најдобриот резултат за граѓаните во секој град, во секое село, во секоја населба, информира Заев.
Според него, меѓусебната поддршка во некои општини ќе си ја дадат уште во првиот круг на изборите, а во други општини ќе се поддржиме во вториот круг.