Бесими: Денеска успеавме да докажеме дека буџетот е ликвиден

од Nikola Popovski
311 прегледи

Денеска успеавме да докажеме дека буџетот е ликвиден. Денеска извршивме исплата на 500 милиони евра за еврообврзницата од 2014 година за која годишно плаќавме камата од 20 милиони евра, а со Еврообврзницата земена во март годинава каматата е осум милиони евра, објави министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Според него, со репрограм на каматната стапка од 3,975% за Еврообврзница 3 на историски најниската каматна стапка од 1,625% за осмата Еврообврзница годишната заштеда по основ камата изнесува 12 милиони евра.

-Ова е исклучително важно за да создадеме јасна слика во каква кондиција е буџетот и како ги менаџираме сите пророграми што се предвидени во време на криза. Со ребалансот се зголемува поддршката за справување со Ковид (здравство, социјално загрозени категории и стопанство) и се зголемуваат капиталните расходи, информира Бесими.

Со ребалансот државата планира да потроши 4 милијарди 370 милиони евра, или 345 милиони повеќе од првичниот план. Буџетскиот дефицит ќе достигне 750 милиони евра или 6,5 проценти од БДП. И покрај минусот од 1,9 проценти во првиот квартал, владата е оптимист дека годината ќе заврши со раст на БДП од 4,1 процент. Собраниската дебата за буџетот може да трае најмногу пет работни дена.

Слични содржини