Италија се залага за што поскоро отворање на преговарачката рамка, а отворените билатерални прашања да немаат влијание врз процесот на евроинтеграција, порача заменик- министерот за надворешни работи на Италија, Бенедето Дела Ведова, кој е во официјална посета на Македонија.
На средбата со спикерот Талат Џафери посочил дека во идните дискусии во конференциите за “Иднината на Европа” задолжително треба да се вклучат младинските политики, односно гласот на младите, и тоа не само од земјите – членки на ЕУ, туку и од земјите од Западен Балкан.
Спикерот Џафери на европскиот гостин му посочил, дека доколу се продолжи со забавеното темпо на евроитеграција на земјите од Западен Балкан, ќе почне трендот на намалување на кредибилитетот на ЕУ што, пак, може да значи јакнење на евроспкетпицизмот но, и појава на можни несакани влијанија на трети земји.
Заменик министерот за надворешни работи на Италија Дела Ведова, се заложил за посилна трговска соработка меѓу двете држави, како и посилен продор на италијанските инвестиции во Македонија, особено во сферата на патната инфраструктура и енергетиката.
Двајцата соговорници заклучиле дека е потребен континуиран политички дијалог во насока на јакнење на севкупната билатерална соработка меѓу Македонија и Италија. Тие исто така се заложиле и за унапредување на меѓупарламентарната соработка и споделување на заедничките искуства од надворешната политика и парламентарната дипломатија.
Б.Т.