Комитетот за односи меѓу заедниците со свечена седница ја одбележа 20 – годишнината на Охридскиот рамковен договор. Спикерот Талат Џафери, рече дека нема да зборува за тоа „како дојде, и зошто дојде до потпишувањето на договорот во Охрид, затоа што до сега сто пати еповторено, но дека тогашните политички претставници го направиле вистинскиот чекор.
-Со безрезервна поддршка и охрабрување од меѓународните стратешки партнери, храбро, мудро и со далековидна визија помогнаа во постигнувањето на примирјето со отворен и непосреден политички дијалог во убавиот Охрид, град во кој што се постави новата структура за нашата меѓуетничка кохезија. Беа воспоставени новите правила на општествена кохезија која ќе биде најцврстиот и најсолиден темел врз кој што ќе ја градиме сите заедно нашата евроатланска иднина. И тогаш имаше, и сега постојат лица кои не се потполно уверени во неопходноста, моќта, ефективноста и резултатите на овој договор меѓутоа, доколку бидеме целосно искрени пред себе и пред сите, нема да можеме да замижеме пред очигледната трансформација на нашето општество, рече Џафери.
Спикерот Џафери честитајќи му ја 20 годишнината на Комитетот, рече дека посакува на дневниот ред да има што помалку жешки прашања.
-Во иднина Комитетот нека биде форум на кој што ќе се радуваме и заедно ќе навиваме за успесите на нашата земја на спортски план, ќе се гордееме за височините достигнати на културен, уметнички план и ќе наздравиме за нашето полноправно членство во Европската унија, рече Џафери.
Комитетот за односи меѓу заедниците разгледува прашањата кои на директен начин ги засегнуваат етничките односи меѓу заедниците во нашата земја.
Б.Т.