Освојувачот на сребрен медал од Олимпијадата во Токио во таеквондо +80 килограми, Дејан Георгиевски вечерва им се обрати на своите поддржувачи на скопскиот плоштад кои дојдоа да го поздрават го поздрават големиот успех.
– Немам зборови со кои можам да го опишам чувството. Мојот тренер Дарко Костовски, од трибините ми даваше дополнителна енергија во секоја борба кога ми беше најпотребно. Од почетокот е со мене и многу карактеристики ги прифатив од него. Другиот тренер Борче Костовски е исто така „виновник“ за медалот од Олимпијадата. Тој ја направи прецизно стратегијата која не донесе до успехот. Благодарност до семејството кое ми даваше безрезервна поддршка. Ветивме златен медал, донесовме сребрен, но уверен сум во Париз 2024 година ќе биде злато. Како и да е ветувањето за медал го исполнивме. Сигурен сум дека на следните Олимписки игри ќе имаме повеќе А-норми и медали, посебно во таеквондо. Им посакувам успех на другите Македонци кои останаа во Токио. Посакувам да ја израдуваме Македонија повторно. Да живее Македонија, истакна Георгиевски во обраќањето до присутните во центарот на Скопје.