Народните избраници со Стратешкиот план на Собранието на РСМ за периодот 2022 – 2026 година ќе го решаваат и проблемот со пратеничките канцеларии наменети за средби со граѓаните. Со првата стратешка цел „Функционален парламент“ ќе се зајакнува претставничката улога на Парламентот.
Според генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, со новиот стратешки план се предвидува и оспособување на 75 канцеларии за комуникација со граѓани.
– И со претходниот стратешки план 2018-2021 беа планирани канцеларии за пратениците, но не успеваме да ги оспособиме, не заради тоа што не сме обезбедиле финански средства, (со секој буџет се обезбедува финансиски средства), туку затоа што имаме проблем со простор и со локалните самоуправи. Сега, со измените во Законот за Собранието предвидовме, освен локалната сампоуправа, обврска да обезбеди простор за канцеларија на пратениците за комуникација со граѓаните, да имаат и сите други државни институции во единицата на локалната самоуправа. Сметам дека со ова ќе го надминеме овој проблем и ќе успееме да ги реализираме сите 75 канцеларии, рече Иванова на четвртата седница на Буџетскиот совет на Собранието која се одржа минатата недела.
Останатите стратешки цели на Стратешкиот план на Собранието на 2022-2026 се отворен парламент, дигитален парламент, безбеден парламент, парламентарна дипломатија и ефикасна собраниска служба.
Б.Т.