Во текот на последните неколку денови се регистрираат поголем број случаи на заразени со Ковид-19, за разлика од дневниот број на новозаразени во текот на јули. Во моментов активни се 627 случаи на заболени со Ковид-19. Сепак, надлежните смируваат дека вакцинацијата, која според експертите е главниот спас од пандемијата, се одвива со добро темпо на територијата на целата држава. Со една доза на вакцина против Ковид-19 се вакцинирани 31 отсто од населението над 18-годишна возраст.
Според последните податоци, од почетокот на епидемијата досега во земјава со Ковид-19 се заразиле 156.543, оздравени се 150.422, а починати се 5.494 лица.
Најмногу активни случаи има во Скопје 195, потоа во Тетово 175, а во Куманово се активни 68 случаи.
Од Минстерството за здравство постојано апелираат граѓаните да се вакцинираат. Вакцинацијата, како што се посочуваат, е единствен начин да го победиме вирусот и да спречиме понатамошно ширење на истиот во есенските денови, односно во деновите во кои во светски рамки е прогнозиран иден нов бран на делта сојот.
– Вакцинацијата се одвива со добро темпо на територијата на целата држава. Заклучно со 1 август, со една доза на вакцина против Ковид-19 вакцинирани се 31 отсто од населението над 18 годишна возраст. Кај лицата над 50 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 50,6 отсто, кај лицата над 60 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 61,2 отсто, додека кај лицата над 70 години изнесува 64,9 отсто, соопшти Министерството за здравство.