Апелот на Владата раководителите од државните инстиуции и приватните фирми да ги мотивираат вработените да се вакцинираат е задоцнета, вели во разговор за Локално.мк претседателката на Организација на работодавачи на Македонија,Владанка Трајкоска.
Доколку вакцината како опција се обезбедеше во пикот на пандемијата, смета таа, одзивот за имунизација ќе беше многу поголем.Потсетува дека работодавачите на дело ја покажаа грижата за своите вработени така што организираа вакцинирање на вработените во странство.Причина беше фактот што институциите се оглушија на апелите да се обезбедат доволни количини вакцини за работниците во индустријата како двигатели на економијата.
“Требаше да се реагира брзо, навремено и прецизно.Сега веќе кога многу од вработените стекнаа имунитет по прележан вирус, се двоумат околу потребата од вакцинација. Ние со нашите вработени разговаравме и ги мотивираме континуирано,но правото на одлука е секако само нивно. Од друга страна ако постои волку голема слобода на движење и дозволен влез во земјата без никаква контрола, како би ги мотивирале нашите вработени?”прашува Трајковска.
На иста линија се и размислувањата на Конфедерацијата на работодавачи.Во разговор за Локално.мк Миле Бошков вели дека во рамка на глобалниот тренд на здравствени протоколи поддржуваат секаков вид на здравствена заштита на граѓаните.
“Но самиот начин и концепт на поттикнување и наметнување на практикување на здравје со условување и ограничување е против уставен и против човековите права глобално.Сметаме дека мерките за заштита и индивидуалниот избор се доволни”, дециден е Бошков.
Работодавачите сметаат дека за поголема промоција и мотивација кај населението потребна е поголема ангажираност од страна на институциите но за било каков вид на мотивација,вели Трајкоска потребна е поддршка од државата.
“Со што би ги мотивирале ние вработените кога како на работодавачи не ни е понудена никаква провилегија од државата, а која би можеле ние да ја понудиме?Секако мотивацијата е секојпат придружена со некоја придобивка,но истата не можат да ја понудат работодавачите без поддршка од институциите на системот”вели Трајкоска.
Министерот Филипче денеска најави дека од 16 август ќе се бара потврда за примена вакцина при влез на настан или објект со повеќе од 30 присутни, но не и за влез во маркети, во фирми со над 30 вработени или во училиштата.
К.В.С.