Др.Кунгуловски: Имате право да не се вакцинирате и со тоа самите да ризикувате инфекција и болест

од Берта Китинска
488 прегледи

Најголемите водилки во животот ми се здравиот научен скептицизам и човечкото право за лична и индивидуална слобода, пишува на својот Фејсбук докторот на науки по геномика и молекуларна епигеномика, Горан Кунгуловски.

-Здрав скептицизам во комбинација со знаење се користи за да се одреди која е веројатноста едно тврдење или опсервација да биде вистинита (или најблиску до вистината) или е дезинформација или артефакт. Засега како научен механизам којшто ја утврдува веројатноста за нешто да биде вистинито е научниот консензус, односно мислењето на мнозинството експерти на одредена тема. За вакцините за КОВИД-19, за глобалното затоплување, за еволуцијата, има силен научен консензус.

Науката поткрепена со научниот консензус ни ги продолжи животите за 30-40 години. Науката со научниот консензус не однесе во Вселената. Науката со научниот консенсус ни го направи животот на нас и на нашите блиски поудобен. Во време на криза, науката и научниот консенсус треба да ни бидат единствените водилки. Науката засега е најголемата придобивка на цивилизацијата. Науката вели дека е најдобро и најбезболно да се ВАКЦИНИРАМЕ.

Индивидуалната слобода е највредното нешто што една личност го има [п.с многу мразам кога влади или други луѓе се мешаат во личните слободи што не ги тангираат нити повредуваат останатите]. Правото за слободен говор, слободно движење, слободна љубопитност, слободна љубов. Се додека таа слобода не го загрозува правото на живот на останатите во заедницата. Тогаш животот зазема преседан.

Во време кога знаеме дека вакцината драстично ја намалува веројатноста да се заразиме, а со тоа и веројатноста индиректно да заразиме други луѓе без да знаеме, најморалниот и најодговорниот акт е јасен. ВАКЦИНАЦИЈА.

Имате право да не се вакцинирате и со тоа самите да ризикувате инфекција и болест. Но немате право да не се вакцинирате и да го загрозувате правото на живот и правото на нестрадање на други луѓе.

Има избор, а изборот е:

  1. Вакцинација и следење на сите препораки и казни за неследење на препораките за вакцинирани луѓе. Истото важи за прележаните.
  2. Невакцинација и прифаќање на сите препораки и казни за неследење на препораките за невакцинирани луѓе. .
  3. Невакцинација и иселување од цивилизацијата [или друг тип на немешање со луѓе], пишува Кунгуловски.

Слични содржини