Беше прашање на време кога Лука Дончиќ ќе биде еден од најплатените играчи во историјата на кошарката.
Словенечката суперѕвезда стана таков во понеделникот, откако потпиша продолжување на соработката со Далас во вредност од 207 милиони долари за следните пет години, објавија локални медиуми.
Фактот дека шефот на франшизата од Тексас, Марк Кубан, лично пристигна во Словенија заедно со неговиот советник, легендарниот Дирк Новицки, за да му покажат на Дончиќ што значи за тимот пред да го потпише договорот, е доволен доказ колку е важно продолжувањето на соработката со Лука.
Dirk, Finley and Kidd seem to be enjoying their stroll around Ljubljana pic.twitter.com/P5U8pgkVcU
— Matej Sportinfo (@Sportinfosi) August 9, 2021
Сумата што ја доби тој е нов рекорд кога станува збор за продолжување на „руки“ договорот.
– Денес ми се оствари сонот. Кошарката ми даде многу и ме одведе на толку многу неверојатни места. Воодушевен сум што продолжувам со Далас и благодарен сум за поддршката што ја имам од фановите – беа првите впечатоци на Лука по одличниот ден во неговата кариера.
Со многу поголем фонд, Лука сега ќе може да се посвети на својата фондација.
– Заедно со новиот договор, среќен сум што можам да објавам дека ќе бидам уште поангажиран околу мојата фондација, која е непрофитна меѓународна организација која има за цел да и помогне на мојата Словенија, места што ми се важни, како и заедниците во Северен Тексас – вели Лука.
Лука следната сезона ќе биде четврта во НБА лигата за него, но и покрај годините, тој веќе се потврди како еден од најдобрите играчи во лигата, со две учества во ол-стар и трофеј за Дебитант на годината.