По историското потпишување на Лионел Меси за тимот на ПСЖ две години со уште една дополнителна опција, Париз полека почнува да размислува за други работи – пред се за инфраструктура и други играчи.
Претседателот на „светците“, Насер Ал-Келаифи истакна дека е повеќе од убеден дека соработката со Килијан Мбапе ќе биде продолжена, а најави и нешто што сигурно ќе ги израдува сите париски навивачи. Ќе се реновира познатиот „Парк на принцовите“ и ќе се зголеми неговиот капацитет.
Се бара решение и дозвола за такво нешто, па сигурно е дека клубот ќе се обрати до градоначалничката Ана Идалго за помош. Парите за Ал-Келаифи не се апсолутно никаков проблем. Богатиот и моќен сопственик на тимот од Париз вели дека сака најмалку 80.000 луѓе на стадионот.
– „Паркот на принцовите“ е многу мал во моментов. Треба да разговараме со Ана Идалго, градоначалничката на Париз. Го сакам овој стадион, но мора да расте. Тоа е важно за иднината. Секој голем клуб има најмалку 80.000 навивачи на стадионот. Затоа реновирањето е наша обврска – рече Насер за „Паризиен“.
Тој процени дека по доаѓањето на Лионел Меси, Серхио Рамос, Џини Вајналдум и Џанлуиџи Донарума, клубот ќе заработи од 500.000.000 до 600.000.000 евра од маркетинг и продажба на сувенири, што се астрономски бројки.