Грција вчера забележа значително зголемување на бројот на заразени, бидејќи во целата земја беа откриени 4.181 случаи. Тоа е за 1.586 повеќе отколку во понеделникот, кога беа регистрирани 2.595.
Вкупно 11 случаи беа откриени во вторникот за време на рутинско тестирање на туристи на границите на земјата, пренесува Greekreporter.
Актуелните мерки за патување во Грција, односно задолжителен документ за Ковид-19 и пополнет PLF формулар, продолжени се за уште една седмица, до 19 август, согласно новата министерска одлука Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19, што утрово стапи во сила, јави дописничката на МИА од Атина.
Северна Македонија и понатаму е на листата трети земји за кои не важи забраната за влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини, а за патување во Грција потребен е сертификат за вакцинација или негативен ПЦР/ рапид тест или потврда за прележан вирус, заедно со пополнет PLF формулар.