Соединетите држави денеска ги повикаа своите граѓани да го напуштат Авганистан користејќи ги достапните комерцијални летови, се вели во соопштението на веб-страницата на американската амбасада во Кабул, во време кога талибанците брзо напредуваат низ целата земја.
Талибанските борци денеска го зазедоа стратешкиот авганистански град Газни, објави Ројтерс.
„Со оглед на безбедносните услови и намалениот број службеници, капацитетот на амбасадата да им помогне на американските граѓани во Авганистан е многу ограничен, дури и во Кабул“, се вели во соопштението.
На 27 април, САД им наредија на владините претставници да ја напуштат амбасадата во Кабул доколку можат да ја вршат својата работа на друго место, наведувајќи го како причина зголеменото насилство во градот, пренесе Танјуг.
Талибанците во Авганистан успеаја да освојат 10 провинциски престолнини и една стратешка област во близина на главниот град Кабул.
Преземањето контрола врз Газни значи и контрола на автопатот што го поврзува Кабул со јужните провинции, каде што и Талибанците освојуваат територии по повлекувањето на американската армија.
Иако Кабул се уште не е директно загрозен, загубата на Газни значи дека Талибанците го стегаат обрачот околу главниот град и држат две третини од вкупната територија.
Како резултат на тоа, илјадници луѓе мораа да ги напуштат своите домови.