Ердоган: Само јас можам да ги смирам Талибанците

од Vladimir Zorba
249 прегледи

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, откако се вмеша во Сирија, Ирак, Азербејџан, Либија и за прашањето на Ујгурите во Кина, сега се нуди како „спасител“ за преговори со талибанските водачи во Авганистан. Ердоган има за цел да стане лидер и заштитник на сите муслимани во светот.

Тој најави дека ќе разговара со Талибанците да остават 500 турски војници на аеродромот во главниот град Кабул за да го штитат. Сепак, Талибанците веднаш ја предупредија Турција да го напушти Авганистан со другите сили на НАТО, предупредувајќи го Ердоган да не прави „голема грешка“.

Ердоган сака да го примени т.н „Либиски модел“ на помош. Имено, Ердоган ќе се обиде да постигне договор со Талибанците како што тоа го направи Кина, која успеа да воспостави соработка со Талибанците и да избегне конфликт. Ердоган смета дека партнерските држави како Пакистан и Катар, кои имаат силно влијание врз Талибанците, ќе му помогнат во неговата намера.

Коментирајќи ги клучните авганистански мировни преговори во Доха, главниот град на Катар, Ердоган рече: „Мислам дека добро ќе го искористиме овој процес. Постојат алтернативи и во моментов работиме на нив“.

Истакнувајќи дека САД објавија одлука за повлекување од регионот, Ердоган рече дека Вашингтон сака аеродромот во Кабул да го управува Турција, како што тоа го правеше веќе неколку години. Меѓутоа, иако Турција ужива сочувство кај авганистанскиот народ, тоа не значи дека наскоро нема да наиде на талибански напади, кои сега се охрабрени со повлекувањето на силите на НАТО.

Во исто време, талибанските лидери рекоа дека нема да преговараат со авганистанската влада се додека Ашраф Гани е претседател, рече пакистанскиот премиер Имран Кан, нагласувајќи дека се чини дека е тешко да се постигне политичко решение на конфликтот во сегашни услови.

„Се обидов да ги убедам Талибанците пред три или четири месеци кога беа тука високи талибански лидери“, рече Кан, додавајќи дека од почетокот нивниот услов бил „додека Гани е на власт, Талибанците нема да разговараат со авганистанската влада“.

Претставници на голем број земји, вклучувајќи ги и САД, во моментов се во Доха и разговараат за двете страни да се договорат за прекин на огнот до 31 август, кога официјално ќе заврши повлекувањето на странските сили од Авганистан.

Пакистанскиот премиер Имран Кан рече дека верува оти авганистанската влада се обидува да ги убеди САД да се вратат и повторно да интервенира.

– Тие беа тука 20 години. Што можат да направат сега ако не го сториле тоа 20 години – се прашува Кан.

Интересно, веќе долго време, Кан и Ердоган се натпреваруваат кој ќе биде поголем муслиман и поголем заштитник на муслиманите ширум светот.