Заедничката енергија и врвните музички вештини на македонската пијанистка Калина Мрмевска и на белгиската виолинистка Надја Неволович беа вистински празник за љубителите на класичната музика кои синоќа го проследија нивниот концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Двете маестрални уметници во црквата „Света Софија“ ја започнаа вечерта со Сонатата за виолина и пијано бр.1 во g-dur од Јоханес Брамс, а го изведоа и делото Фантастични пиеси оп.73 од Роберт Шуман.
Вториот дел од вечерта беше посветен на големиот македонски композитор Властимир Николовски од кого беше отсвирена композицијата Афродизија за виолина и пијано, а концертот заврши со Сонатата за виолина и пијано бр 2 d-dur од Сергеј Прокофјев.
-Голем благослов е да се настапи на фестивалот „Охридско лето“ и со големо нетрпение очекував да дојдам. Штом стигнав веднаш посакав на дојдам во црквата и да го почувствувам фестивалското пијано. Изминатиот период имавме големи предизвици бидејќи живееме во време на ковид, и со датумите и со патувањето, и еве, конечно се остварува нашиот концерт. Црквата „Света Софија“ е прекрасна, акустиката е посебна и само што дојдов во Охрид веднаш се упатив за да го пробам пијаното. Големо уживање, задоволство, инспирација и мотивација е да се настапи во овој амбиент, рече пијанистката Калина Мрмевска.
Мрмевска која музичката критика ја оценува како „пијанист со особена моќ“ и „уметник со јасна и жива музичка идеја“ живее во Њујорк, на Лонг Ајленд и предава пијано и корепетиција на приватен факултет, а исто така настапува на престижните концертни подиуми ширум целиот свет.
Една од целите и задачите што ги има поставено пред себе е и промоција на македонското класично творештво во светот.
-Токму така, тоа е дел од мојот распоред и моите заложби да ги претставувам македонските композитори надвор и додека бев на докторските студии на универзитетот во Стоуни Брук веќе почнав тоа да го правам, изведувајќи ги композициите на Властимир Николовски, на Ристо Аврамовски…, појасни Мрмевска.
Освен што е врвна пијанистка, таа е голем хуманист и е прв амбасадор на Детската амбасада „Меѓаши“ за што и е доделена и наградата „13 Ноември“.
Виолинистката Надја Неволович ја красат музичка интуиција, виртуозна техника и интерпретации со голем интегритет, квалитети кои ѝ носат плодна кариера како солист и камерен музичар. Како и многу музички талентирани деца во Русија, таа започнува да учи виолина во специјалното музичко училиште при Конзерваториумот во Санкт Петерсбург. Откако се сели во Германија, студира во класата на познатиот педагог Захар Брон, а работи и со Ана Нечипроук-Брон, Томас Брандис, Исак Рашковски и Ливиу Прунару. Магистрира со највисоки почести на Кралскиот конзерваториум во Брисел во класата на Игор Ојстрах. Со диплома музичар-изведувач се стекнува на Универзитетот во Росток во класата на Петру Мунтеану. Особено влијание врз нејзиниот личен и уметнички развој има легендарниот виолинист Иври Гитлис.