Целосно заврши изградбата на новите четири училници во рамките на основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче.
Станува збор за капитален проект кој опфати изградба на приземје и кат односно четири нови училници, хол, канцеларии и санитарни јазли, што се поврзани со веќе постојниот објект на училиштето.
Училниците се опремени со нови клупи, столчиња и друга потребна опрема за одржување современа настава.

„Многу сум горд на овој проект затоа што изградбата на новите училници е од исклучителна важност за нашите ученици. Со изградбата не само што се прошири капацитетот на училиштето, туку се реши и деценискиот проблем, со што конечно се укинува третата смена во наставата, што беше еден голем проблем за овој дел од Аеродром“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.
Општина Аеродром и во иднина останува фокусирана на најмладите и на обезбедувањето најдобри услови за нивно образование. Досега се реновираа сите основни училишта, а во тек е изградбата на целосно новиот објект на ООУ „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче, со што учениците од овој дел на Аеродром ќе добијат современо училиште по цели шест децении.