МВР: Лажна вест е дека прифатниот центар во Гази Баба ќе се користи за сместување на бегалците од Авганистан

од Берта Китинска
180 прегледи

Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира дезинформациите пласирани од одредени портали дека Прифатниот центар во Гази Баба ќе се користи за сместување на бегалците од Авганистан, и дека министерот Спасовски тоа го потврдил. Тоа е апсолутно лажна вест!

-Користениот статус на министерот Спасовски е во контекст на вчера објавената тема на Македонската информативна агенција- МИА во врска со новиот објект на Прифатниот центар за странци, кој по препораките на бројни меѓународни организации задолжени за заштита на човековите права и од Народниот правобранител како Национален превентивен механизам, поради субстандардните услови, треба да се дислоцира од Гази Баба на неколку километри од Бардовци.

МВР скоро секојдневно ја објавува точната и прецизна информација дека Прифатниот центар за странци, кој функционира непрекинато цели 20 години, нема и нема да има никаква врска со мигранти, како што одредени медиуми сакаат ја дезинформираат јавноста, пласирајќи лажни вести.

Центарот за странци е формиран и функционира согласно Законот за странци и наменет е за привремено задржување на странци кои не можат да се отстранат од територијата на државата во рок од 24 часа, од кои било причини, па се сместуваат во него во период од неколку дена, додека да се создадат услови да биде отстранет од државата. Најчесто станува збор за сезонски работници на кои им истекла дозволата за работа/престој, забавувачи во угостителските објекти без пријавен престој во државата, лица кои се затекнале тука без документ за идентификација и сл.

Што се однесува до привременото прифаќање граѓани од Авганистан, како што веќе информираше Владата на Република Северна Македонија, во овој момент се работи на координација и утврдување детали за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан.

Владата работи на обезбедување сместувачки капацитети во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави. Сместувањето и преземањето на локалното население ќе

биде со ограничен временски период, сѐ до обезбедување нивни трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со нашите стратешки партнери и со меѓународните организации.

Објавените текстови кои изнесуваат лажни вести и дезинформации кои можат да доведат до забуна во јавноста, штетат на општеството и создаваат паника кај граѓаните. Затоа, Министерството за внатрешни работи согласно законот, бара веднаш да биде објавен овој демант заедно со извинување до граѓаните, и да бидат повлечени невистинитите текстови, во спротивно ќе ги користи сите законски расположиви средства кои стојат на располагање, соопштија од МВР.

Слични содржини