„Северна Македонија e прва земја во регионот за која сертификатите за КОВИД-19 ќе се сметаат за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ“, соопшти министерот за надворени работи Бујар Османи.
Европската комисија денеска донесе одлука со која се гарантира дека сертификатите за КОВИД-19 издадени од Република Северна Македонија ќе се сметаат за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ за КОВИД-19. Ова значи дека нашата земја ќе биде поврзана со системот на ЕУ и дека сертификатот за КОВИД-19 издаден од нашите авторитети ќе биде прифатен во ЕУ под истите услови како и Дигиталниот сертификат за ЕУ. Во пракса, носителите на овие сертификати ќе можат да ги користат под истите услови како и носителите на ЕУ Дигиталниот сертификат за вакцинација.
„На овој начин нашите граѓани ќе ги избегнат ограничувањата во патувањата, како што се дополнително тестирање или карантин. Во неопходни случаи, како што е заштитата на јавното здравје, земјите членки можат да преземат дополнителни мерки. Благодарение на оваа одлука ќе бидат укинати ограничувањата за патување за луѓето што ги примиле вакцините против Ковид-19 одобрени од ЕУ“, истакнува министерот.
Оваа Одлука на Европската комисија, продолжува тој, е признание за Северна Македонија за преземените активни чекори од наша страна во поглед на интероперабилноста со правилата на ЕУ во оваа насока.
– Ова значи потврда за автентичноста, валидноста и интегритетот на одлуките и чекорите што се преземаат од нашите институции кога станува збор за заштитата на здравјето на нашите граѓани и мерките кои се преземени во таа насока, истакна Османи.