Американскиот претседател Џо Бајден жестоко ја бранеше одлуката за повлекување од Авганистан денеска, велејќи дека хаосот е неизбежен, а потоа се изнервирал кога го прашале за бегалците кои паднале од авионот.
– Тоа беше уште пред четири дена, пред пет дена – рече Бајден, иако фотографиите од луѓе кои паѓаат од авионот беа објавени дури во понеделникот.
Бајден повеќе од една недела избегнуваше да одговара на новинарски прашања за Авганистан, а еден од првите новинари што го праша претседателот на Соединетите држави за тоа беше Џорџ Стефанопулос од ABC News.
„Што помисливте кога првпат ги видовте тие слики?“, праша Стефанопулос.
– Она што го мислев беше дека мораме да го контролираме ова. Треба да реагираме побрзо и да ја преземеме контролата врз аеродромот. И го направивиме тоа – рече Бајден.
Стефанопулос праша дали евакуацијата можеше подобро да се изведе.
– Не, мислам дека не можеше да се реши поинаку. Ако погледнеме наназад, идејата дека постои излез од хаосот, не знам како се случи – рече Бајден, додавајќи:
– Една од работите што не можевме да ја знаеме е дали Талибанците ќе ги спречат луѓето да ја напуштат земјата и на кој начин ќе го направат тоа – истакна претседателот на САД.
Тој рече дека Талибанците соработуваат со американските сили и им дозволуваат на американските граѓани да ја напуштат земјата, но дека имаат проблеми со Авганистанците кои соработувале со западната коалиција.
Рејтингот на Бајден е на најниско ниво оваа недела, покажа истражувањето на „Ројтерс“ и „Ипсос“.
Да потсетиме, ситуацијата во Авганистан се влоши во последните недели откако започна офанзивата на Талибанците врз поголемите градови.
Талибанците во неделата ја презедоа контролата врз сите гранични премини. Во текот на денот милитантите влегоа во Кабул и ја презедоа контролата врз претседателската палата. Во исто време, авганистанскиот претседател Ашраф Гани ја напушти земјата со цел, според него, да „спречи крвопролевање“.