На вонредниот состанок на Северно-Атлантскиот Совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи, шефот на македонската дипломатија се заложи фокусот на Алијансата и понатаму да биде ставен врз хуманитарниот аспект и како примарна ја издвои потребата за продолжување на операцијата за евакуација.
„Во тесна координација со сојузниците, успеавме да ги евакуираме нашите државјани од Авганистан, за што сакам да ви се заблагодарам за помошта. Се уште мислиме дека ова треба да биде нашата примарна мисија, да обезбедиме сигурно заминување на сите наши граѓани од Авганистан. Евакуацијата на локалниот авганистански персонал и нивните семејства кои работеа со нас во изминатите 20 години е подеднакво значајна”, рече Османи.
Што се однесува до идните ангажмани на Алијансата, Османи, се заложи фокусот да биде ставен врз справувањето со заканите од поттикнување на меѓународниот тероризам од Авганистан, како и обезбедување подеднакви права за авганистанските граѓани.