Министерството за внатрешни работи информира дека вчера била поднесена кривична пријава за уцена, при што е приведено лице од Арачиново.
-На 20.08 2021 од полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал, СВР Скопје – Единица за насилен криминал, во координација со Одделот за специјални полициски операции лишен е од слобода В.В.(40) од с.Арачиново, скопско. По претходно добиена судска наредба и преземени мерки и активности бил извршен претрес кај осомничениот, поради постоење основано сомнение за кривично дело „уцена“, предвидено и казниво по чл.259, велат од полицијата.
Според нив, пријавениот подолг временски период го уценувал оштетениот И.И.(73) од Скопје со видео материјали со компромитирачка содржина, при што во неколку наврати успеал да му изнуди околу 9000 евра. Против пријавениот од страна на СВР Скопје – Единица за насилен криминал е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје, каде од страна на Основен суд Скопје му е одредена мерка притвор.