Премиерот на Чешка, Андреј Бабиш, денеска на редовната годишна конференција на чешките амбасадори во Прага оцени дека погрешното и лошо изведено повлекување на војниците на НАТО од Авганистан може да го зголеми притисокот врз балканската бегалска рута.
– Ненадејниот пад на авганистанската влада предизвика катастрофална ситуација која се заканува да прерасне во масивна бегалска криза. Заминувањето на војниците на НАТО, што, според мое мислење, беше грешка и, пред се, беше извршено погрешно, може, повторно, да го зголеми притисокот на балканската миграциска рута, што е опасно за нас – рече Бабиш пред чешките амбасадори, пренесе Бета.
Тој повторно ја критикуваше Европската унија за одложување на проширувањето на Западен Балкан, тема што е меѓу главните приоритети на чешкото претседателство со ЕУ следната година.
– Неспособноста на ЕУ да се согласи да започне преговори за пристапување со Северна Македонија и Албанија ја гледам како голема грешка – додаде Бабиш.
Во 2019 година, Франција не дозволи почеток на преговори на Европската унија со Северна Македонија и Албанија, со барање за ревизија на методологијата во процесот на пристапување.
Ова беше направено, но на самитот во декември минатата година, Софија го запре Скопје, тврдејќи дека билатералните односи не се решени, пред се во врска со историските прашања.