Основните училишта во општина Карпош стартуваат во новата учебна година со полн капацитет, со физичко присуство за сите одделенија. Инаку Општината веќе спроведе целосна дезинфекција во сите десет основни училишта на своја територија. За првачињата, локалната самоуправа обезбеди подарок со ранче и училишен прибор, кој ќе им биде подарен на првиот училишен ден, односно на 1 септември.
Во училишниот двор на ООУ „Лазо Трповски“ (креативната работилница), денеска се одржа состанок на директорките од десетте основни училишта во Општина Карпош, и раководителката на Одделението за образование Емилија Арсовска, по повод почетокот на новата 2021/2022 учебна година . Согласно одлуката на 99-тата седница на Владата, а претходно по предлог на Министерството за образование и наука, со одобрување на Комисијата за заразни болести, предвидено е оваа учебна година да започне на 01 септември, со целосно физичко присуство на учениците, но со максимално и строго почитување на предвидените мерки за заштита од Ковид-19 пандемијата: носење на заштитни маски, постојана дезинфекција на работните клупи, проветрување, соодветна дистанца, се со цел наставата да се одвива непречено, и да се заштити здравјето како на учениците, така и на наставниот и техничкиот кадар.
-Согласно препораките, од постојниот вработен кадар, ќе биде задолжено лице, бесконтактно да мери температура при влез на учениците. Доколку се појави температура над 37,3 степени, соодветно ученикот се препраќа на матичен доктор. По утврден ред, еднонасочно ќе биде траекторијата на влез во училиштата, а родителските состаноци, комуникацијата помеѓу наставниците и родителите, ќе се одвива исклучиво преку он лајн средби, евентуално на отворен простор, доколку временските услови го дозволуваат тоа. Влез за родители е дозволен само за оние кои имаат деца со посебни образовни потреби.
Инаку во сите училишта обезбедени се услови за целодневна настава и продолжен престој.
Постојано ќе се следат состојбите и како алтернатива, доколку дојде до промена на состојбата со пандемијата, односно се влоши ситуацијата на терен во целата држава постојат две дополнителни сценарија: преминување на целосна он лајн настава или комбинирано, нагласи раководителката Емилија Арсовска.
По експликацијата на предвидените Ковид протоколи за непречено одвивање на наставата, директорките комуницираа помеѓу себе, разменувајќи си искуства, совети и предлози, како полесно би се организирала наставата.