Какви локални избори не очекуваат, обични или контаминирани?

од desk4
554 прегледи

Македонија наесен ќе се соочи со нови локални избори на кои ќе се избираат членови на советите на општините и советот на градот Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на градот Скопје. Локалните избори ќе се одржат истовремено во сите општини, на 17 октомври. Битката за избор на што подобар противкандидат, политичките партии ќе ја завршат на 30 август кога е и крајниот рок за поднесување на кандидатски листи до Државната изборна комисија.

Но, како се приближува изборниот ден така се појасни стануваат и темите кои ќе се најдат на репертоарот на политичките партии. Општински, национални, економски, но најмногу, актуелните како што се пописот и ковидот.

На тема што не чека во наредниот изборен период, во кој партиите ќе се натпреваруваат за градоначалници и советници „Локално“ разговараше со политичкиот аналитичар Владимир Божиновски. Тој вели, дека  добро е што на овие избори ќе има голем избор на кандидати, затоа што граѓаните на тој ќе бидат привлечени и ќе отидат на гласање. Така, вели Божиновски ќе се зголеми излезноста, која пак, ќе влијае врз унапредување на демократскиот процес, односно зголемување на легитимитет на локалните избори.

-Меѓупартиската битка ќе биде претежно на локални теми, но кај поголемите партии очекувам да доминираат и национални и економски теми, но и теми поврзани со преговорите со ЕУ. Во кампањата нема да изостанат ниту темите за состојбата во образованието и новата реформа за дигитализација, пописот и пандемијата педизвикана од ковид 19. Што значи дека партиите ќе имаат широка лепеза на теми. Во секој случај мислам дека на опозициските партии ќе им биде полесно на овие локални избори, вели Божиновски.

И од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека оваа недела ќе биде клучна за заокружување на изборот на кандидатите за градоначаници и совентници, но и двете партии посочуваат но дека наредната недела ќе се знаат имињата на сите кандидати за градоначалници и советници, бидејќи рокот за доставување на кандидатските листи до ДИК истекува на 30 август.

Политикологот Божиновски очекува кампањата за локалнте избори да биде претежно негативна, од сите партии. И дека ќе бидат искористени и сегашни но и партиски скандали кои се случиле во минатото. Ќе има и позитивна кампања, бидејќи и власта и опозицијата ќе сакаат да добијат гласови од ветувања на проекти кои ќе најавуваат дека ќе ги реализираат во наредниот четиригодишен мандат, вели Божинвски.

Тој посочува дека на овие локални избори многу јасно ќе бидат искристализирани две коалиции.

– На минатите избори, СДСМ и ДУИ настапија заедно, ќе настапат и сега. Нормално е, на овие избори и опозицијата да се обиде да најде заенички јазик од партија од опозицискиот блок на албанските партии за да се подржат онаму каде што ќе можат со цел здружено да  ги победат своите противкандидати. Најинтересно од се, за локалнте избори ќе биде изборот на градоначалник на Град Скопје. Опозицијата сеуште не го открива кандидатот, но интенцијата на скопјани е да даваат поддршка на нови луѓе, вели Божиновски.

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веќе излегоа со голем број на имиња на кандидати, но затоа пак, не ги обелоденуваат „играчите“ за големите градови како што се Прилеп, Велес, Битола, Струмица. И во двете партии велат дека сеуште мерат рејтинзи и кога ќе дојде време ќе ја донесат конечната одлука.

За Скопје владејачката СДСМ се чини дека многу лесно ја донесе одлуката. Го избра актулениот градоначалник Петре Шилегов. Од друга страна пак, опозициската ВМРО ДПМНЕ објави имиња на кандидати но не и за градот Скопје. Според неофицијални информации партијата одлучува меѓу претседателката на сојузот на стопански комори Данела Арсовска, професорката Никица Мојсовска и екс градоначалникот Коце Трајановски. Кај албанскиот политички блок, ДУИ засега во Чаир, Струга и Сарај оди со актуелните имиња. Алијансата за Албанците и Алтернатива со старо-новите кандидати одат во Гостивар, Дебар, и Чаир.

Сепак, како се ближи крајниот рок, претпоследниот ден од месец август, за пријавување на кандидатските листи до ДИК, расте и бројот на независни листи за претстојните локални избори. „Охрид пред се“ ја поднесе својата независна листа на кандидати за советници во Советот на општина Охрид. Уште за најмалку четири независни советнички листи се собрани потписите во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија. Меѓу нив се листите на кандидати за советници за општините Центар, Кавадарци, Росоман, Кочани. Се собираат потписи за уште 22 независни кандидати за градоначалник и членови на советот.

Во меѓувреме до 9 септември тече увидот во избирачкиот список. Потоа Избирачкиот список со извршените  промени произлезени од јавниот увид, отпечатен во вид на изводи, ДИК го заклучува најдоцна 15 дена по завршувањето на јавниот увид, однсоно најдоцна на 24 септември. Тогаш и ќе се знае точниот број на запишани граѓани во Избирачкит список со право на глас.

Б.Т.