Бројот на нови, глобално пријавени, случаи на Ковид-19 „се чини дека расте“ во последните два месеци, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
СЗО минатата недела објави повеќе од 4,5 милиони нови случаи и 68.000 нови смртни случаи низ целиот свет, благ пораст од повеќе од 4.4 милиони случаи и 66.000 смртни случаи пријавени претходната недела.
Вкупниот глобален број случаи сега изнесува повеќе од 211 милиони, а вкупниот број на смртни случаи надминува 4,4 милиони, според неделното епидемиолошко ажурирање на СЗО.
Бројот на нови глобални случаи сега се чини дека е стабилен, по зголемувањето од средината на јули, се вели во извештајот на СЗО.
Светот забележа зголемување на глобалните случаи во мај, според СЗО, но епидемиите предизвикани делумно од многу преносливата делта варијанта, доведоа до зголемување на случаите во многу земји во последните два месеци.
Соединетите држави објавија најголем број нови случаи минатата недела – 1,02 милиони, што претставува зголемување од 15 проценти во однос на претходната недела, а потоа следуваат Иран, Индија, Велика Британија и Бразил, пренесува Си -Ен -Ен.
Западниот Пацифик и Америка забележаа најголемо зголемување на бројот на нови инфекции, соодветно 20 и осум проценти. Југоисточна Азија и источниот Медитеран објавија намалување на инфекциите, додека стагнирање на случаи се забележани во други региони, според СЗО.
Зголемувањето на бројот на случаи во западниот пацифички регион е делумно предизвикано од зголемената епидемија на делта сојот во Австралија. Во последната недела, дневниот број на нови инфекции достигна нови рекорди неколку пати, надминувајќи го претходниот од август минатата година.
Инфекциите се во пораст и во Нов Зеланд, и покрај тоа што државата воведе карантин низ целата земја откако минатата недела потврди само еден случај на локално пренослив коронавирус. Во средата, таа објави 62 нови случаи, со што вкупниот број на случаи на епидемија достигна 210.
Во последниве денови, официјални претставници и во Австралија и во Нов Зеланд предложија промена во пристапот за справување со „Ковид-19“, од обид да се искорени вирусот до евентуално учење да се живее со него.
Во својот неделен извештај, СЗО истакна дека појавата на загрижувачки варијанти на „Ковид-19“, вклучувајќи ја и високо преносливата делта, ја нагласи потребата од зголемување на вакцинацијата, како и важноста за зачувување на јавните здравствени и социјални мерки.