Како на свадба и „невести“ и „младоженци“ во коалиции за локални избори

од desk4
452 прегледи

До локалните избори остануваат уште неполни два месеца. Партиите и понатаму своите кандидати за градоначалници на јавноста и ги нудат на „рати“. Но, неспорно е дека и во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ за победа на изборите сметаат на колициски партнери од албанскиот политички блок.
Иако опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ од поодамна најавува коалиција со Алијансата за Албанците, во јавноста официјано сеуште не е објавена. Додека пак, владејачката партија СДСМ и ДУИ својот заеднички настап го најави пред повеќе од еден месец.

Политикологот Алберт Муслиу за „Локално “, вели дека коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ не е ништо ново, бидејќи и на претходните локални избори биле партнери, а потоа на претседателските избори настапија и со консензуален кандидат.

-СДСМ и ДУИ и овојпат одат директно на коалицирање уште од првиот круг. Верувам дека ќе имаат и коалициски договор од старт, за поддршка на кандидати во одредени општини. Во однос на коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците, верувам дека е можна. Но, не верувам дека ќе биде транспарентна како онаа на СДСМ И ДУИ, поради историјатот на ВМРО-ДПМНЕ, но и поради случувањата што лидерот на Алијансата Зијадин Села ги имаше на 27 април. Поради односот на шефот на претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, е осудено – ова партиско раководство кое сеуште јавно не побарало прошка. Исто така спорен и наративот кои го користат и двете партии. Алијансата предложи едно законско решение во Собранието, кое беше блокирано од Левица, а ВМРО-ДПМНЕ не пропушти да го поддржи, рече Муслиу.

Политичкиот аналитичар Муслиу посочува дека на партиите останува како ќе ги претстават ваквите коалиции и дека од нивната креативност ќе зависи колку ќе бидат прифатени од гласачите.

-Ова се локални избори и затоа секакви комбинаторики се можни. Вклученоста на потенцијалните кандидате е огромна на локалните избори, бидејќи тука немаме само илјада кандидати за градоначалници, туку ќе имаме и десетици илјади кандидати за советници. Сите тие бараат гласови од роднини, пријатели, комшии, при тоа водат најразлични кампањи. Така да слободно можам да речам дека локалните избори се најинклузивни избори. Големите политички партии треба да го заборават однесувањето во изминатите две децении кога на гласачите гледаа како на се стадо кое се однесува како што тие ќе кажат. Сега имаме нова реалност во која само најтврдокорните членови ги слушаат инструкциите на партиите, додека пак, симпатизерите и неутралните одлучуваат по свое убедување. Така да некогаш математиките на маса, не се совпаѓаат со математиките на терен, рече Муслиу.

Минатата недела претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги повика сите опозициски партии да се приклучат на широкиот фронт, против власта. Тој тогаш рече дека со Алијанса на Албанците се на чекор до официјализирање на коалиција за локалните избори. Во исто време и од партијата на Зијадин Села потврдија дека преговорите со ВМРО-ДПМНЕ се при крај и дека официјален потпис за соработка очекуваат да биде ставен оваа недела.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев пак, уште пред повеќе од еден месец рече дека со ДУИ заеднички ќе настапат на локалните избори и дека таа докрај ќе биде утврдена во зависност од самите кандидати.

-Може да се случи некаде да поддржиме кандидат на ДУИ уште во прв круг или ДУИ да одлучи да поддржи кандидат на СДСМ и Коалицијата „Можеме”, а некаде ќе одиме со поддршка во вториот круг зашто имаме и наши и нивни кандидати. Некаде ќе дадеме шанса да одат кандидатите на помалите партии и затоа не би било својствено уште во првиот круг ДУИ да ни даде поддршка или ние да му дадеме на ДУИ кога има кандидати од БЕСА, рече Заев.

И додека четирите најголеми партии ги токмат коалициите, на политичката сецна се појавуваат нови играчи, меѓу нив и голем број на независни кандидати, кои ќе се обидат да им ги поматат сметките.
На прашањето на Локално, какви избори не очекуваат, политикологот Муслиу вели, „Пристојно организирани и мирни избори. Кампањата може да биде и потензична и повулграна, но без инциденти на денот на изборите и пред тоа. Очекувам протоколите за корона вирусот да се почитуваат“.

Б.Т.