Градот Скопје започна со изведба на нов мост, од улицата „Љубљанска“ во Карпош 4 кон клучката на Бардовци, улицата „Скупи“. Мостот е предвидено да има четири коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни. Вкупната должина на мостот ќе биде 113 метри, а вредност на овој значаен инфраструктурен објект изнесува 382,5 милиони денари и се очекува да биде готов за 18 месеци.
Денеска, на увид на градежните активности беа градоначалниците на општина Карпош и градот Скопје, Стефан Богоев и Петре Шилегов, претседателот на Владата, Зоран Заев, како и претставници од „ТАВ МАКЕДОНИЈА“ (финансиери на проектот).
Во изјавата за медиумите, градоначалникот Стефан Богоев рече дека на овој начин се опстојува на определбата за поврзување на периферијата со урбаното јадро.
На овој начин, значително ќе се растовари овој дел од Карпош, кај „Сити мол“, а ќе обезбедиме и услови за подобар економски развој. Имено, овој мост значи и поврзување со индустриските зони во Момин Поток и Визбегово, каде што егзистираат повеќе деловни субјекти. Граѓаните од Карпош 3 и од Карпош 4 на полесен начин ќе можат да пристапат од другата страна на Вардар, а значително ќе се растовари од сообраќај и булеварот „Илинден“, рече Богоев.
Градоначалникот нагласи дека општина Карпош континуирано ја следи градежната офанзива на градот. Веќе заврши реконструкцијата на улицата „Мирка Гинова“ во Карпош 1, а во тек е и асфалтирањето на улицата „Париска“ во Тафталиџе.