Крастев: Треба да градиме автопат кој ќе се вика Гоце Делчев, а не да спориме за историја

од desk4
322 прегледи

Македонско – бугарската комуникација никогаш не била на пониско ниво од оваа денешната, посочува за „Локално“ бугарскиот политички аналитичар и новинар, Николај Крастев.

Според Крастев, дополнителен проблем за продолжувањето на преговорите, отпочнати пред три години, е што двете држави се подготуваат за избори. Софија за трети парламентарни избори, а Македонија за локални. Во меѓувреме вели тој преговорите трпат и тапкаат во место.

– Не сум оптимист. Ситуација е тешка, бидејќи не можеме да се вратиме во времето пред потпишувањето на Договорот за добрососедство, бидејќи многу се продлабочи јазот на недоверба. Да не заборавиме дека и Бугарија и Македонија се подготвуваат за избори што значи дека во наредната година се ќе си остане по старо, односно ќе нема решение за надминување на проблемот. Сега кај нас ситуацијата е многу сложена и најверојатно ќе имаме парламентарни избори по трет пат. Тоа досега во бугарската историја никогаш не се случило, вели Крастев.

Крастев смета дека во македонско – бугарските односи не треба да има европски посредници, бидејќи како што вели „и Бугарија е Европска Унија“.

-Може сами да се договориме. Културните и политичките претставници треба да ја одиграат главната улога. Се надевам дека ќе се пронајдат луѓе и во двете земји кои ќе ги спречат проблемите меѓу Бугарија и Македонија се повеќе да растат. Решението го гледам во отстапки и од двете страни, или, пак, во признавање на „вистината“ на двете истории за што придонес треба да даде дипломатијата. Ние треба да градиме автопат кој ќе се вика Гоце Делчев, а не да спориме за историјата, вели Крастев.

Според Крастев проблем е и тоа што за Македонците само Бугарија е фашистичка окупаторска земја, а не и Германија и Италија или, пак, Србија за време на балканските војни. Тој смета дека бугарските граѓани дополнително се иритираат кога се нарекуваат Татари но и дека македонските граѓани имаат право да се лутат од условите на Бугарија кои го попречија започнувањето на преговорите со ЕУ.  Бугарскиот политички аналитичар  посочува дека за влошувањето на македонско – бугарските односи, дополнително голема улога одиграле и Белград и  Москва.

Во меѓувреме, по теркот на бугарскиот парламент, на крајот на јули и македонското Собрание донесе Резолуција, со која се утврдија црвените линии во преговорите со Софија. За Резолуцијата гласаа сите политички претставници во законодавниот дом.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со Резолуцијата јасно се исцртаа националните и државни позиции во однос на македонскиот јазик, историја и идентитет, но и дека Резолуцијата е акт донесен во законодавниот дом и дека ниту една  наредна Влада не смее да го прекрши. И лидерот на СДСМ Зоран Заев порача дека Резолуцијата е уште еден чин оти никогаш не се преговарало за македонскиот идентитет, македонскиот јазик, за македонската посебност, бидејќи никој не може да преговара за нешто што е неспорен факт.

Словенија веќе го презеде претседателството со ЕУ. Земјата предвиде одржување на самит во октомври во обид да се забрза процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

И додека чекаме во ЕУ чекалницата, кај македонските граѓани спласна оптимизмот дека еден ден ќе станат европејски граѓани. Поминаа 16 години од добивањето на кандидатскиот статус но,  поминаа исто толку години во неуспех за да ги отпочнеме преговорите за членство во Унијата. Резултатите од последното истражување „Балкан барометар 2021“ на Регионалниот совет за соработка, кооснован од ЕУ покажа дека 21 отсто од испитаниците веруваат дека Македонија ќе стане членка на ЕУ до 2025 година, 31 отсто до 2030 година, а исто толку воопшто не веруваат дека некогаш ќе биде примена во ЕУ. Групата на испитаници од Западен Балкан кои не веруваат дека нивната земја некогаш ќе стане членка на ЕУ станува сè поголема секоја година. Годинава, таа бројка изнесува 22 отсто. Според експертите ваквиот пораст на песимизмот е логичен, со оглед на блокадата на почетокот на преговорите од страна на Бугарија, а веројатно и повисоката свесност за неподготвеноста на ЕУ за проширување.

Во 2018 година Македонија доби безусловна препорака од Европската комисија да ги почне пристапните преговори со ЕУ. Пристапните преговори се одложија поради барањето на Франција да се усвои нова методологија за проширување на ЕУ. По , усвојувањето на новата методологија во февруари 2020 година, македонските евроинтеграции беа блокирани од Бугарија.

Б.Т.