24-годишното момче од Ресен, кое утрово починало на Инфективното одделение во Битола како последица од Ковид-19, имало ниска сатурација и отежнато дишење и биле направени сите потребни лекарски проверки, соопштија вечерва од Министерството за здравство.
Според нив, момчето ја примило терапијата и одбивало да остане на болничко лекување.
-Пациентот бара да биде пуштен на домашно лекување. По потпишана изјава дека си оди на сопствена одговорност, пациентот е испишан со препишана терапија која треба да ја прима во модуларната болница во Ресен, велат од министерството.
Следниот ден, на 25 август, пациентот како што наведуваат, е донесен од болницата во Охрид за хоспитализација во Битола.
-Веднаш хоспитализиран во тешка општа состојба со ниска сатурација, поставен на двојна кислородна поддршка, интензивна терапија, но и покрај тоа постојано му се влошува состојбата и паѓа сатурацијата. На 27 август утрото и покрај обидите на лекарите да го спасат, пациентот починал, информираат од министерството.
Пациентот починал утрово во 08 часот, велат од болницата и додаваат дека тој не бил вакциниран.
Беше во многу тешка состојба со ниска сатурација и масивна бронхопневмонија. Поставен веднаш на перманентна максимална кислородна поддршка и соодветна терапија. Земениот брис покажа дека е позитивен. И покрај сите интензивни обиди за реанимација, пациентот утрово почина, изјавила денес д-р Билјана Гагачовска, директорка на Битолската клиничка болница.
Неофицијално момчето пред десеттина дена правело свадба и така се заразило, но оваа информација не е официјално потврдена.