Партиски кавги, обвинувања за предавства, клевета на противниците, лажни и вистински независни кандидати за градоначалници и советници, голем број на независни листи. Ова е сликата на македонската политичка сцена во пресрет на локалните избори. Собрани се потписи за 39 кандидати и групи избирачки, а продолжува собирањето за уште 45 кандидати.
„Локално“ на оваа тема разговараше со поранешниот член на Државната изборна комисија од редовите на ДУИ, Субхи Јакупи. Тој вели дека како човек кој со години ги следи локалните избори, ваква лепеза на независни кандидати и листи, до сега не видел. Посочува дека на ниту едни локални избори, немало толку многу независни кандидати за градоначалници и советници како сега.
– Според некоја моја статистика трипати е зголемен бројот на независните кандидати за градоначалници и советници но и на незавсни листи, од претходните локални избори. Зголемениот интерес на кандидатите директно влијае врз политичките партии, односно врз нивната победа. А сметам дека една од причините за ваквата појава е и поради однесувањето на досегашните локални претставници, кои седат во градските совети само за да ги заштитат партиските интереси. Поголемиот број на советници за време на својот четиригодишен мандат постојано ја избегнуваат јавноста, а со тоа и да дадат одговори на прашањата на граѓаните – дали ја реализирале програмата со која биле избрани. Тие немаат ниту канцеларии за да ги сослушаат граѓаните, ниту сме слушнале дека некогаш ги побарале, вели Јакупи.
Јакупи не очекува „проблематични“ локални избори, но затоа пак, вели дека ќе има има многу празни ветувања и од политичките партии и од независните кандидати.
-Нема да има „глодање“ по едничка линија, туку по економска бидејќи на сите им е во интерес да имаме финансиски просперитет. Претпоставувам дека и на овие избори главна тема ќе биде економијата, бидејќи лошата економска состојба директно влијаат врз животот и стандардот на граѓаните, а со тоа и врз дејствувањето на политичките партии кои сакаат да бидат носители на власта. Ќе има и празни и „напумпани“, ветувања, се со цел да ги изманипулираат граѓаните и да им се земе изборниот глас. Иста е ситуацијта и во македонскиот и во албанскиот политички блок, вели Јакупи.
Локалните избори ќе се одржат за нешто помалку од два месеца и според Јакупи, тие ќе бидат тест за евентуални предвремени парламентанри избори. Тој не ја исклучува можноста доколу опозицијата има и само еден глас повеќе да бара оставка од власта и организирање на предвремено парламентарно соочување.
-На овие локални избори за првпат ќе се води отворена битка меѓу двете големи коалции СДСМ – ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците и Алтернатива. Неодамнешниот обид на големите партии во Собранието да протуркаат нов Изборен законик со кој се предлагаше зголемување на бројот на потписи за независни листи, беше само еден обид за да ги спречат кандидатите на независните листи да учествуваат во така голем број, како што го гледаме сега. Всушност со овој потег тие ја „намирисаа“ состојбата со независните листи и на некој начин сакаа да оневозможат тие – независните, да учествуваат во локалната изборна трка, вели Јакупи.
Во меѓувреме листата на независни кандидати за градоначалници и независни листи се зголемува. Во Куманво, градоначалникот Максим Димитриевски не се откажа од градоначалничката фотелја, иако не ја доби поддршката од матичната партија СДСМ. Тој се кандидираше како независен кандидат за градоначални. Ќе има и своја независна советничка листа на чело со жена. ЛДП и ДОМ, како трета опција во Кисела Вода, ќе настапат со поранешна функционерка на ВМРО ДПМНЕ, Ѓулистана Марковска која ќе се обиде да се спротивстави на Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Филип Темелковски.
Токму поради невозможните комбинации, поранешниот потпретседател на ДИК, Јакупи очекува и валкана кампања за Градот Скопје, за кој засега ќе се борат пет мина кандидати. Покрај актуелниот градоначалник, Петре Шилегов од СДСМ, потписи веќе собра и поранешната директорка на Инспекторатот за животна средина, Ана Петровска. Актерот и член на бендот „Меморија“, Петар Георгиевски, познат како Перо Камиказа, ја има поддршката од Левица. Претседателката на ССК, Данела Арсовска, за која првично се неофицијално се слушна дека ќе биде кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, се` уште го нема потребниот број на потписи. И некогашниот пратеник од редовите на НСДП, Љубомир Јосифовски, почна да собира илјада потписи за независен кандидат за градоначалник на Скопје. Доколку ги собере, ќе биде петтиот кандидат кој ќе влезе во трката на 17 октомври за градоначалничката функција.
Кандидатите на ДУИ ќе се знаат на 4 септември. Фатмир Дехари ќе биде кандидат за Кичево, а најверојатно за Тетово повторно ќе биде кандидирана Теута Арифи.
Според информациите од ДИК дури 15 независни каднидати за градоначаници ги собрале потписите. 30 септеври е крајнито датум до кој кандидатите треба да ги докомплетираат потписити.
Во меѓувреме, до 9 септември трае увидот во Избирачкиот список. Според ДИК ваквата засега ја искористиле само 5164 граѓани. Само 11-мина поднеле барања да бидат запишани во списокот, поради тоа што ги немало во Избиачкиот список, а 12-мина побарале да бидат избришани. Четири лица од нив побарале да им бидат сменети личните податоци кои се изложени во списокот.
Б.Т.