Втората вечер од „Културно лето – Карпош“ во знакот на Каролина Гочева

од Vladimir Zorba
287 прегледи

Втората вечер од „Културно лето – Карпош“ помина во знакот на поп музиката, добрата забава и песни за сите генерации на граѓани. Вечерта започна со детска програма, со популарни маскоти од цртаните филмови и песни за најмладите, а продолжи со DJ Баже Antenna 5, кој не потсети на некои од најдобрите македонски ретро песни и евергрини.

Пријатната атмосфера кулминираше со концертот на најголемата музичка ѕвезда, Каролина Гочева. По пауза од речиси две години, ова беше прв концерт на отворена сцена на Каролина во Скопје. Таа пееше дел од најпопуларните нејзини песни од албумите „Македонско девојче 1 и 2“ и „Извор“, но направи и вистински музички времеплов и потсети на најголемите поп хитови како „Од нас зависи“, „Не се враќаш“, „За нас“, „Хипокрит“, „Ајде да летаме“ и др.

Платото на „Млечен“ се исполни со маалски живот, позитивна енергија и публика од сите возрасти. Граѓаните ги почитуваа и протоколите за заштита од КОВИД – 19, а за нивно спроведување беа задолжени општински редари и волонтери на Црвениот крст.

Овa културно доживување на „Млечен“ вчеравечер обедини луѓе од повеќе скопски општини, со што само се потврди дека оваа манифестација е дел од културната агенда на главниот град.

На настанот се обрати и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, кој ги поздрави присутните граѓани.

– Среќен сум што вечерва гледам многу деца, млади, родители, повозрасни граѓани… Платото на „Млечен“ секоја вечер е симбол на маалски соживот и меѓугенерациска дружба, а токму и Културното лето има за цел да ги поврзе сите генерации на граѓани, рече Богоев.

Денеска, од 19:30, на платото на „Млечен“ е последната вечер, а граѓаните ќе имаат можност да уживаат во детска програма, перформанс на јутјуберот Стефан Лазаров и целовечерен концерт на Тамара Тодевска.

Слични содржини